Достапни линкови

Подготвени да го слушнат гласот на народот за територијалната поделба


Народните избраници без разлика дали се од редовите на партиите на власт или пак од опозициските партии велат дека се подготвени барањата на граѓаните во врска со територијалната поделба и генерално децентрализацијата да ги земат во предвид, односно да влијаат тие да се преточат во правните акти. Според нив само прашање на време е кога тоа ќе биде сторено, бидејќи треба да се усогласат барањата на граганите со владините предлози:

„Мора да се има чувство за интересот и потребите на граѓаните. Како ќе се усогласи интересот на граѓаните со ставовите на политичките партии коишто излегоа со овој предлог и што ја поддржуваат владата, тоа е прашање на време. Лично сметам дека влада и партии коишто полагаат на мислењето и ставовите на граѓаните, бодејќи оваа година треба да се соочат со избори, локални и претседателски, мора да има чувство за потребите на граѓаните.“

„Мислам дека се што ќе биде како забелешка од пратениците, во втората фаза, кога законот ќе дојде пред пратениците, мислам дека владата ќе ги земе предвид тие забелешки,“


изјавија Тито Петковски од СДСМ и Хисни Шаќири од ДУИ.

Во ВМРО - ДПМНЕ пак го повторуваат својот став дека усвојување на нов закон за територијална поделба не е потребен, а не е ни обврска од рамковниот договор. Првиот човек на пратеничката група Коце Трајановски смета дека со ова само дополнително се вознемируваат граѓаните и додава:

„Ние ги сослушуваме нивните образложенија, нивните концепирања, така што ние ќе бидеме максимално подготвени на седницата што треба да продолжи, мислам наредната седница, да пробаме да го убедиме, колку што можеме, парламентарното мнозинство, да го корегира својот став.“

Експертите се категорични дека гласот на јавноста мора да се слуша посебно во контекст на вака важни законски проекти како прекројување на општинските граници:

„Секоја власт и секоја влада се обидува на различни начини да го процени јавното мислење и доколку не го почитува јавното мислење, секоја влада си потпишува самата на себе смртна пресуда, значи на некој начин, изразената волја на граѓаните треба да биде насока за владата за делување.“
XS
SM
MD
LG