Достапни линкови

Волјата на граѓаните морална обврска за владата и пратениците


Референдумите кои се одржуваат во повеќе општини во земјава, а во кои граѓаните во најголем број се изјаснуваат за неменување на постоечките граници на општините имаат само консултативен карактер, но владата мора да ја има во предвид волјата на народот, вели Рената Дескоска од Правниот факултет:

„Станува збор за советодавни или консултативни референдуми, чиишто резултат не ја обврзува владата правно, имајќи во предвид дека референдумите претставуваат облик на лично изразување на граѓаните, а пратениците во Собранието се претставници на тие граѓани, референдумите се еден вид морална обврска кон пратениците да го слушнат гласот на граѓаните и да го почитуваат. Секоја власт и секоја влада се обидува на различни начини да го процени јавното мислење и доколку не го почитува јавното мислење, секоја влада си потпишува самата на себе смртна пресуда, значи на некој начин, изразената волја на граѓаните треба да биде насока за владата за делување.“

Во контекст на барањето на Заедницата на единиците на локалната самоуправа за толкување на обврзноста на референдумите, Дескоска посочува:

„Толкувањето се однесува на одредбите од европската повелба за локална самоуправа околу обврзноста на референдумите, така што тоа ќе биде на некој начин автентично толкување на орган којшто донел еден правен документ, со оглед на тоа што тој правен документ има правна сила во Република Македонија како ратификуван акт, тој ќе биде обврзан, мислам дека толкувањето ќе биде дека сепак тие референдуми се консултативни.“

Претседателот на ЗЕЛС, Горан Ангелов пак е категоричен дека резултатите од референдумите мора да бидат земени во предвид од страна на надлежните. Тој информира оти постои расположение од страна на Владата да се интервенира во предлог – законот:

„Мислам дека на територијата на цела Република Македонија ќе има почитување на референдумските изјаснувања. Онаму каде што навистина има оправдани случаи. Онаму каде што се крена најголем прав е западна Македонија, каде што многупати беа прекршени оние критериуми, 5000 жители да биде општината, 2000 центарот, и околу економската инфраструктура, економските капацитети, воглавно на целата територија на Република Македонија ќе треба да се почитува, со посебен акцент на западниот дел на Република Македонија.“
XS
SM
MD
LG