Достапни линкови

Денеска протестен митинг во Струга


Несогласувањето на некои општини со владиниот предлог за нова територијална поделба е причина за одржување на референдуми во дел од општините во земјава, но и протести со цел да се мобилизира народот за поголем успех на референдумите, односно повеќе граѓани да се изјаснат против новата територијална поделба. Градоначалникот на струшката општина, Ромео Деребан каде граѓаните низ протест ќе го прикажат незадоволството посочува некои недостатоци на предлог законот за територијална поделба:

„Со овој закон на некој начин се удираат темелите на федеративна Македонија, фактот што општина Велешта, иако ги исполнува сите услови, иако до сега покажа голем развој, на планот на локалниот економски развој, сепак со владиниот предлог не е задржана како општина и ќе се оди на имплицирана состојба, во која се наметнува ситуација граѓаните на општина Струга да станат малцинство во општината во која до сега живееле како мнозинство. Понатаму, сметаме дека за стружани предлогот е неприфатлив од повеќе аспекти, така на пример, изворот на приходи од кој се финансираат сите општини се ствараат токму во општина Струга.“

Жителите пак на некои општини веке се изјаснија против новото прекројување на границите. Како на пример жителите од Лозово гласаа против прпојување кон Свети Николе, жителите од Центар Жупа и Ростуше против приклучување кон Маврови Анови. Референдуми ке се одржуваат и во други општини како Кичево, Струга. Заедницата на единиците на локалната самоуправа пак побара толкување од Советот на Европа за ефектот на референдумите, а Деребан најавува дека Струга ќе поднесе и поединечно барање во оваа насока , но по гласањето во оваа општина и додава:

„Не се согласуваме со фактот дека имаат само советодавно значење, европската повелба за локална самоуправа стриктно кажува дека во оние општини каде што со статут е определено дека промените на границите може да се носат по пат на референдум, граѓаните може да одлучат за промена на границите само по пат на референдум. Таков е случајот со општина Струга, каде што во статутот има одредба во која стои дека границите на општина Струга може да се менуваат само по пат на референдум.“

Професорот од Правниот факултет Владо Поповски во контекст на ова вели:

„Се определува со законот за локална самоуправа, а покрај законот, референдумот во овој случај не би имал задолжителна сила за владата и за парламентот, меѓутоа треба да се има предвид, дека доколку е референдум, решението од тој референдум има голем политички авторитет.“
XS
SM
MD
LG