Достапни линкови

logo-print

2003 лоша година за македонската економија


Во толку голем процент ги смиривме економските движења, што ефектите повеќе беа негативни отколку позитивни, е оценката на професорот од правниот факултет Ванчо Узунов, за тоа колку Македонија во 2003 успешно работела на планот на економијата:

„Владата очигледно, покрај оној политички дел да ја стабилизира државата во политичка и безбедносна смисла, тој бран ја зафати и во економска смисла, и дури и премногу ја смири економијата, ја стабилизира, едновремено убивајќи ја динамиката.“

Покрај активирањето на „стенд-бај“ аранжманот со ММФ, позитивните оценки кои пристигнуваат однадвор, дел од домашните експерти со став:

„Владата не само што не ги оствари своите ветувања, туку, постигна и полоши резултати од последната влада,“

вели економскиот експерт Душан Вељковиќ.

Граѓаните со оценка, 2003 на економски план не беше ништо подобра од претходната година. Невработените останаа невработени, а лицата кои се вработени и понатаму ги издржуваат оние кои се без работа и што е заедничко за сите, надежта никаде ја нема:

„Годината што измина не е подобра од лани. Ќерка ми заврши факултет, остана без работа, снаа ми е со факултет без работа. Со две плати, мојата и на мажот ми, мораме да издржуваме шесточлена фамилија.“

„Пред три години завршив правен факултет, барам работа, ама никаде нема работа.“


Продажбата, односно лицитирањето на 24-те загубари на начинот на којшто тоа е сторено, реформите во администрацијата со отпуштање на четири насто од невработените, како и неуспехот на бранковиот закон, се само примери кои укажуваат на лошо водените потези во делот кој значи обид да се извлече Македонија од економската криза во која се наоѓа.

„Не само што не дојде до реализација на бомбастичните ветувања за нови вработувања, туку и бројот на вработените се намалува,“

вели економистот Душан Вељковиќ.

Нерешителноста во влечењето на потезите, според Узунов можеби е и главната причина за тоа што економските резултати постигнати во 2003 година се такви какви што се.

„Сите тие работи требаше да се прават подинамично, повеќе да се загризе.“

Странските инвестиции, пресметани со последната на турскиот бизнисмен кој ќе гради трговски центар не изнесуваат повеќе од 50 милиони долари. Со вакви резултати не може да се очекува пораст на животниот стандард на населението.

„Не е само раст во економијата, да не се извезува само Лон текстил и земјоделски производи како суровини, туку да почне да се работи и на готови производи.“

Но, и Узунов признава се додека Македонија не успее да се справи со политичките проблеми кои доаѓаат однадвор, залудни се напорите на секоја влада нешто да промени во економската сфера:

„Проблемот е во тоа што Македонија сеуште се перцепира како земја што не се знае дали ќе опстане. Кога тоа еднаш ќе стане јасно. Уште статусот на Косово да се реши.“

Ниската инфлација и порастот на БДП од три насто е добар, според Узунов.
XS
SM
MD
LG