Достапни линкови

135 патници и 30 членови на екипажот загинаа


Сто триесет и пет патници и тринаесетмина членови на екипажот се верува дека загинаа во денешното уривање на авион од типот Боинг седум три седум на една приватна египетска авио компанија. Авионот се урнал во Црвено Море веднаш по полетувањето изутрината околу пет часот по локално време од летувалиштето Шарм ел Шеик кон Каиро, а потоа и кон Париз. Агенциите, повикувајќи се на извори во египетската цивилна авијација, јавуваат дека скоро сите патници во авионот биле француски туристи. Според египетската телевизија, делови на авионот биле пронајдени во морето на околу петнаесет километри јужно од Шарм ел Шеик. Египетските власти ја исклучуваат можноста од терористички напад и наведуваат дека причина за несреќата најверојатно била механичкиот дефект на авионот. Инаку, загриженоста поради евентуални терористички напади синоќа доведе до дополнителни откажувања на летовите на Бритиш Ервејз за Соединетите Држави и за Саудиска Арабија. Британската авиокомпанија соопшти дека врз основа на предупредувањата на британската влада биле откажани летовите од Лондон за Вашингтон и за Ријад. Синоќа и Аеромексико, поради страхувања од евентуални терористички напади, го откажа летот од Сидуад Мексико за Лос Анџелес.
XS
SM
MD
LG