Достапни линкови

Во знак на претседателските и локалните избори и шанса за демократска легитимација на Македонија


Народните избраници со различни размислувања за тоа што ја одбележа 2003-тата година, но според нивните кажувања, очигледно, последните настани, како на пример дискусиите во Собранието или заменувањето на меѓународната воена мисија, со полициската „Проксима“ им оставило најголем впечаток. Од многуте настани, пратениците од партиите на власт сметаат дека 2003 беше во знак на стабилизирање на бсзбедносната состојба во земјава. Како доказ за стабилизирањето на состојбите на теренот се посочува заминувањето на „Конкордија“, со што се стави и крај на меѓународното воено присуство, токму поради тоа, велат тие, ова за нас е настан на годината:

„Со тоа докажуваме дека државата е кадарна да се справи со сите проблеми, дека имаме контрола на целата територија, она што во минатото можеби ни фалеше. Се покажа дека минатата година, која беше наречена како година на стабилизација, најголем дел од времето го потрошивме, условно кажано, на проблемите од безбедносен карактер.“

„2003 година е година на мирот, година каде стабилноста и мирот за сите граѓани многу се подобрува, во споредба со 2002 година,“


изјавија Јани Макрадули, прв човек на пратеничката група на СДСМ и потпретседателот на собранието, Хисни Шаќири кој доаѓа од ДУИ. Според оние пак, од опозицијата, станува збор за година на злоупотреба од страна на власта, на парламентарната демократија, значењето на Собранието, но и година на национални предавства. Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ става акцент на разгледувањето на витални законски проекти по скратена постапка, без можност за собраниски дискусии:

„Јас се надевам дека со последната парламентарна дебата успеавме да го разоткриеме еден од најнекоректните начини на носење на вака витални и есенцијални проекти, и се надевам дека во иднина владата нема да прави злоупотреба и вакви витални и значајни проекти да ги носи по скратена постапка, без можност, пред се, за информирање не само на Собранието, туку и на целата македонска јавност од какво значење се овие есенцијални проекти.“

Пратеникот Љубе Бошковски од истата партија вели дека 2003 помина во знак на настани кои го загрозуваат националниот опстанок на државата, кој како што додава се случија и неколку национални предавства:

„За мене најголемо предавство е сигурно донесувањето на Законот за државјанство, каде што Македонците по потекло, по род се бришат и се изедначуваат со сите други граѓани и по исти услови имаат право на стекнување државјанство, со што на еден најбрутален начин се кине она што се нарекува спојување на иселена и на татковинска Македонија.“

2003 како неуспешна ја оценува и Абдулади Вејсели, пратеник од ПДП:

„Се што се случи се случи околу Рамковниот договор, меѓутоа можам да кажам неуспешна година за целосно имплементирање на тој договор.“

И покрај различните ставови што секојдневно може да се слушнат од пратениците, дури и за теми од национален интересе, тие се најдоа на иста линија по едно прашање, 2004 година, според нив ќе биде во знак на претседателските и локалните избори. Само со одржување на фер и демократски избори Македонија може да се легитимира како цивилизирана земја, како земја во која демократијата им е својствена на граѓаните:

„Годината што доаѓа ќе ја одбележи изборот на вистински претседател на Република Македонија, кој ќе ги брани националните интереси и кој ќе го врати достоинството и гордоста на македонскиот народ.“

„Идната година ќе биде малку поинтересна политички, зашто ги имаме и претседателските и локалните избори.“

„Само фер и декомократски избори, и претседателски и локални може да направат еден квалитетен изчекор на Македонија кон евро-атлантските интеграции,“

сметаат Бошковски, Вејсели и социјал-демократот Тито Петковски.

Освен одржување на фер и демократски локални и претседателски избори, некои пратеници во 2004 година очекуваат зајакнување на улогата на парламентот:

„Јас се надевам дека во 2004 владата конечно ќе има поголем респект кон Собранието, како највисок законодавен дом и Собранието ќе биде вклучени рамноправно во одлучувањето и дебатата, пред се, за овие витални и есенцијални проекти коишто ни престојат,“

вели Кедев.

Социјал – демократот Макрадули за наредната година ја издвојува и апликацијата за членство во ЕУ:

„Поврзано со апликацијата за ЕУ мислам дека тоа ќе биде настан што ќе не преокупира наредната година и ќе ни одземе најмногу време, но и ќе ни створи додатни обврски за наредниот период.“
XS
SM
MD
LG