Достапни линкови

Меѓу две спротиставени цели


Пред девет месеци кога американските ракети и бомби почнаа да паѓаат врз Багдад, Соединетите Држави не ни можеа да претпостават каде ќе бидат денес, заглавени во крваво мочуриште, со никакви знаци за излез. И покрај, апсењето на Садам Хусеин и плановите за предавање на власта на ирачаните во две илјади и четврта година, Вашингтон и натаму се соочува со ирачкото герилско движење. Ирак во две илјади и трета беше долг и тежок удар. Нема да биде поразлично и во новата година.

Беше сончев ден тој први мај. Облечен како воен пилот од филмот Топ Ган, претседателот Џорџ Буш долета со авион и како херој се спушти на носачот на авиони Абрахам Линколн укотвен на брегот на Калифорнија. Опколен од морнари кои штотуку се вратија од ирачката војна, Буш и соопшти на нацијата дека е постигнато американското ослободување на Ирак, само шест недели од започнувањето на операцијата.

„Офицери и морнари на Абрахам Линколн, мои другари американци. Големите борбени операции во Ирак завршија. Во битката за Ирак, Соединетите Држави и нашите сојузници победија.“

Но, во наредните осум месеци, околу двесте американски војници, четириестина сојузнички војници, десетина претставници на меѓународните организации за помош, меѓу нив и пратеникот на Обединетите Нации Серџио Виеира де Мело, и стотици ирачки цивили загинаа во нападите на бунтовниците. Стана сосема јасно дека со паѓањето на Садам Хусеин не дојде и крајот на војната. Во меѓувреме, инспекторите за оружје, предводени од американците, се уште не најдоа некакво оружје за масовно уништување. Администрацијата на Буш мораше да се соочи со лавина обвинувања и критики за тоа што ја измами јавноста во врска со оправданоста на интервенцијата во Ирак. Бетшеба Крокер која е експерт во Вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии запрашана за сегашните американски чувства за ирачката војна вели

„Мислам дека загриженоста е во тоа ако продолжи високиот степен на американски жртви во Ирак. Во таков случај притисокот ќе расте во годината на избори и ќе можеме да видиме зголемување на барањата за повлекување од Ирак.“

Многумина аналитичари сметаат дека поради тоа што администрацијата не сака пред изборите да биде заглавена во ирачкото мочуриште, таа веќе решила полека да се извлекува од таму. Имено, Буш пред извесно време обелодени дека власта ќе им ја предаде на ирачаните на Први јули две илјади и четврта година. Тоа е многу побргу од претходно планираното. Ваквиот потег беше поздравен од меѓународната заедница, особено од Франција. Од друга страна, соочен со растечкото движење на отпорот, Вашингтон одговора со израелски стил на контра удар во која американските специјални сили се обидуваат да ја искоренат герилата во Ирак. Кенет Алард, поранешен разузнавач останува неубеден во оваа тактика.

„Можеме секако да гледаме како израелците ги организираат нивните контра удар акции и тактики. Но, поентата е во фактот дека ни треба стратегија. Се уште не сум убеден во она што го прават Соединетите Држави.“

Алард додава дека Вашингтон е во замка на две дијаметрално спротивставени цели, желбата да победи и потребата да се повлече што е можно побргу. Според сегашниот американски план, по предавањето на власта Привремената коалциона влада во Ирак ќе престане да постои, но американските сили, додуша намалени, ќе останат во таа земја. Роберт Хачисон од Џејн дифенс вик во Лондон вели дека клучот на успехот во борбата против герлците се вистинските разузнавачки информации. Тој прецизира дека е тешко да се добие битката за срцата на иарачаните, кога поради немањето добри разузнавачки податоци, во акциите против бунтовниците, гинат невини цивили.

„Тоа ќе биде војна за јавното мислење. Ќе има непријателски акции на нерамноправен терен каде што бунтовниците ќе се обидуваат колку што можат да ги натераат сојзниците да предзвикуваат невини жртви што потоа лошо ќе се одрази во јавноста.“

Од друга страна, американската администрација се чини дека нема намера да се извлече од јазот во кој се најдоа нејзините односи со европските сојузници, особено откако соопшти дека ќе ги исклучи сите фирми од земјите кои не ја поддржаа ирачката војна во обновата на Ирак. Потег што дојде во исто време кога Буш покрена акција во светот за опростување на големиот ирачки долг. За тоа каква би можело да биде ситауцијата во Ирак, според аналитичарите покажува и фактот што во декември половината од членовите на првиот нов ирачки армиски баталијон дадоа оставки поради незадоволството од нивните услови за вработување. Фредерик Бартон кој беше поранешен заменик на Високиот комесар за бегалци се прашува дали ќе има вистинско предавање на власта на ирачаните доколку безбедносната состојба во таа земја и натаму се влошува.

„Тоа не е место каде што би сакале да работите како политичар. Вие не би сакале да ја преземете одговорноста кога може да се случи вашиот иден чекор, да биде и последен. Хероизмот е добар само во мали дози.“

Ако нешто е сигурно во Ирак во две илјади и четврта година е тоа дека работите ќе продолжат да бидат долг и тежок напор, како што во еден момент рече и американскиот секретар за одбрана.
XS
SM
MD
LG