Достапни линкови

logo-print

Свет: Зголемени мерки на безбедност и жртви во некои делови од светот во новогодишните прослави


Во некои делови од светот славењето на Новата година помина со трагични последици. На Филипините, најмалку 28 лица загинаа, а околу 590 се повредени во пожари и инциденти за време на прославата на Новата година.

Новогодишната ноќ во Багдад ја одбележа бомбашкиот напад во кој загинаа пет луѓе, а 25 беа повредени. Во филипинскиот град Лусена од пожар на градскиот пазар, предизвикан од огнометот, загинаа најмалку 14 лица.

Во Тел Авив, поради вчерашното предупредување издадено од полицијата за можни терористички напади на јавните места во текот на новогодишната прослава, низ градот патролираа зголемен број полициски сили.

Во Австралија доаѓањето на Новата година е одбележано со огномет во сиднејското пристаниште на кој присуствувале повеќе илјади луѓе. Слично било и на плоштадите на градовите во Нов Зеланд.

Низ улиците на Париз за новогодишната ноќ патролираа 4.500 полицајци, додека во Лондон поради опасноста од терористички напади полицијата беше ставена во состојба на зголемена борбена готовност.

Во Берлин неколку илјади граѓани се собраа пред Бранденбуршката капија неколку часови пред почетокот на новогодишниот огномет, а целата област беше контролирана од голем број припадници на јавниот ред.

Граѓаните на САД, Новата година ја дочекаа со досега невидени мерки на безбедност поради заканите за терористички напади. Сите авионски летови привремено беа забранети, освен претходно закажаните летови над Њујорк и Лас Вегас. Во центарот на Њујорк канализациските отвори беа запечатени, додека поштенските сандачиња беа отстранети поради страв од бомбашки напади на Тајмс сквер, каде Новата година ја дочекаа околу 750 илјади луѓе.

Во Лас Вегас беа ангажирани сите 2.000 полицајци, како и 600 припадници на затворската полиција и оклу 4.000 чувари од хотелските обезбедувања.

Новата година свечено, со печено пилешко и чај, беше дочекана и во Меѓународната вселенска станица во исто време со Лондон, бидејќи часовникот во вселенската станица го покажува времето според Гринич.
XS
SM
MD
LG