Достапни линкови

Расправа за буџетот за наредната година


Според моделот на владата, финансиската рамка за вкупната јавна потрошувачка за наредната година се предвидува да биде значително помала од минатата. Во државната каса пак, се предвидува дефицит од 2,4 милијарди денари. Тоа значи дека државата треба да потроши за толкав износ повеќе средства отколку што е способна да заработи. Со таков предлог на владата за дефинирање на буџетот за наредната година се планира намалување на делот за платите во администрацијата, односно редуцирање на бројот на вработените во јавната администрација, со цел намалување на масата на плати. Според експертите тоа само ќе предизвика дислокација на трошоците од ставката за плати за администрацијата во ставката социјални трансфери. Парламентарните партии во опозицијата, во меѓувреме, се изјаснија дека не ја гледаат развојната компонента на така проектираниот буџет. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и ЛП во однос на таквиот предлог веќе имаат поднесено над сто амандмани. Според Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ буџетот е рестриктивен и тој нема да продуцира промени какви пто најавува владата. Во образложение на таквите оценки, Груевски вели:

„Она што е забележливо е дека масата на плати расте и покрај декларираната подготвеност на властите масата на плати да опаѓа. И покрај тоа што предвидуваат 4 насто отпуштања во јавната администрација. Меѓутоа, истовремено предвидуваат и вработувања. Да речеме, предвидуваат вработувања на тетовскиот универзитет, вработувања во МВР; мешана полиција, значи 90 насто ќе бидат други националности, останатото Македонци. Во одбрана ќе се примаат голем број професионални војници исто така едно две третини се од националностите. И една бројка, за примања, претпоставувам тоа ќе бидат некои личности што ќе си ги избере самата влада.“

Собраниската расправа за буџетот, според најавите треба да продолжи и во деновите од викендот. Со оглед на намерата на пратениците таа да заврши два дена пред нова година. Целта на владата е во наредната година да биде сменета структрата на буџетот. Зашто таа оценува дека нашата земја нема голем туку лошо структуриран буџет. Со вака структуриран буџет владата планира во текот на 2004 година да оствари еконосмки раст од 4 насто, со ставка на инфлација на помала од 2,4 насто. Буџетот на нашата земја, сега „тежи“ над една милијарда евра.
XS
SM
MD
LG