Достапни линкови

Според претпоставките, десет илјади жртви


Во силниот земјотрес што денеска го погоди југоисточен Иран се проценува дека загинале околу десет илјади луѓе. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на официјални претставници на провинцијата Керман, јави дека бројот на жртвите изнесувал над две илјади, но оти постои страхување дека би можело да има многу повеќе. Од земјотресот со сила од шест запирка три степени според Рихтеровата скала, посебно бил оштетен градот Бам, кој се наоѓа на околу илјада километри југоисточно од Техеран.

„Нивото на штетата и на жртвите е многу висок. Наш приоритет сега е да донесеме колку што е можно повеќе спасувачи. Имаме очајничка потреба од човечка сила за оваа задача.“

изјави гувернерот на оваа провинција Мохамад Али Карими, додавајќи дека шеесет насто од куќите во Бам биле урнати, при што загинале или биле затрупани многу луѓе додека спиеле. Имено, земјотресот се случил околу пет часот и триесет минути по иранско време. Тамошните згради, според агенциите, не биле градени да ги издржуваат потресите на земјиштото кои се честа појава во таа иранска област. Според очевидци, целосно бил уништен и историскиот дел на Бам.

„Ги мобилизиравме сите ресурси во покраината. Воспоставивме воздушен мост со Бам и со хеликоптери ги транспортираме повредените и доставуваме помош во градот.“

рече гувернерот Карими. Иранската телевизија јави дека неколку стотици луѓе биле евакуирани во градот Керман и оти иранското министерство за внатрешни работи побарало од претседателот Али Хамнеи да упати барање за помош од меѓународната заедница . Од многу земји во светот веќе се најавува упатување спасувачки екипи и помош за Иран. Инаку, во потресот со сила од седум запирка три степени според Рихтеровата скала, во илјада деветстотини и деведесетата година што го погоди Иран загинаа пеесет илјади луѓе.
XS
SM
MD
LG