Достапни линкови

Со ограничен буџет нема да се градат нови капацитети, а проблем ќе биде да се зачуваат изградените


Породувањата во Скопје се остваруваат во две државни институции, во гинеколошко – акушерската клиника и во специјалната болница во Чаир. Од вкупно 9000 породувања, што се направени минатата година, во болницата во Чаир се породиле над 4000 жени. Иамјќи ги на ум стандардите на Светската здравствена организација за работата на гинеколошките установи, кои меѓу другото предвидуваат кога бројот на породувањата во една институција е над 1,800 да биде отворен и нов капацитет, доктор Мирослав Темелковски, заменик директор на болницата во Чаир вели:

„Капацитетот е ограничен, со бројот на кревети за лежење за мајките и за децата. Во моментов одговара овој капацитет да го спроведат во тек на годишно ниво, но не одговараат стандардите во коишто се сместени мајките и децата. Ние сеуште имаме низок стандард на сместување, односно се сместени мајките во простории, односно соби, по одделите не заедно со децата, уште го немаме спроведено системот „болници – пријатели на децата“ каде што мајката со новороденото ќе биде сместена во една соба, во којашто ќе има санитарен јазол со туш кабина.“

Од овие причини во 1997 година беше почната реконструкција и изградба на нов дел во рамките на болницата во Чаир. Во него се предвидени 50 кревети за мајките со деца, во дво и четворокреветни соби и изградба на оддел за интензивна нега:

„Болницата е завршена, процентуално по проценка 70 до 80 насто и е застанато со градбата некаде во 99 година, инвестиции повеќе не се вложени, не само за да се доврши изградбата, туку и да се платат трошоците за веќе изграденото на одреден број фирми.“

Коментирајќи ги овие состојби, директорот на фондот за здравство Др. Никола Пановски вели дека лошата финансиска состојба на здравството, генерално не дозволува градба на нови објекти, туку дека таа за сега отвора простор да се размислува како да се вратат долговите што се направени во меѓувреме. Во тој контекст тој го објаснува и случајот со болницата во Чаир:

„Веројатно тогашниот тим имал некоја идеја и здравството и економијата на Македонија стоела подобро, во меѓувреме се случи кризата во Македонија, и упад во системот во Фондот за здравство, така што сега не е проблем нешто дали ќе се гради, далеку сме од градење, туку како ќе го покриеме она што е изградено и каматите за она што е изградено, за жал тоа не е еден објект.“

Од друга страна, Др. Пановски оценува дека може да се направат обиди за доизградба на гинеколошката клиника, што работи во состав на Клиничкиот Центар во Скопје, проект што исто така е во план, но тој сеуште се наоѓа на почетокот.

„Има услови таа сепак да се пушти во работа, бидејќи веќе се обезбедени пари и на некој начин таа може да се изведе, дали внатре ќе се опреми комплетно не знам, и второ се работи за една голема установа која со рационално работење, како што е Клинички Центар, би можел да ја изгради.“

Директорот на фоднот Др. Пановски потсетува дека за идната година инвестициите во здравството ќе бидат минимални:

„Ситуацијата, за жал е таква. Буџетот не ограничува, нема никакви префрлања од владата.“

Тоа значи, дека како што оценува:

„Дојде проблем тоа што е изградено на некое ниво да не се распадне, евентуално и да ги вратиме долговите, а потоа да размислуваме за да се најде начин како тоа да се догради.“
XS
SM
MD
LG