Достапни линкови

logo-print

Предложената нова територијална реорганизација на Македонија има многу недостатоци


Нема дилеми дека дел од постојните општини треба да се укинат, велат експертите од областа на локалната самоуправа, кои притоа укажуваат на некои недостатоци на владиниот предлог, кој предвидува намалување на бројот на општини, од постојните 123, плус градот Скопје, на 71. Притоа, информираат дека станува збор за можеби од 15 до 25 од постојните општини кои се многу мали и оти при преносот на нови надлежности, како во делот на образованието, здравството, културата, нема да можат да функционираат, односно нема да го издржат тестот на времето:

„Бидејќи, за извршување на надлежностите е потребен одреден капацитет, со оглед на тоа што дел од локалното население се вработува во локалната администрација, дел од локалното население влегува во состав на советот, од локалното население се бира градоначалникот и локалните граѓани, учествуваат со својата информираност, знаење, лични придонеси, во градењето на локалната самоуправа,“

изјави Илија Тодоровски од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, кој е ексепрт од областа на локалната самоуправа. Тој укажува и на други недостатоци во предлог законот за територијална поделба, како на пример, поврзувањето на рурални со градски општини, а токму на ова реагираше и ЗЕЛС. Според Тодоровски, со ова само дополнително ќе се запостават и онака неразвиените селски општини.

„Градски со рурални не се врзуваат по правило, од проста причина што градското население, со поголем број претставници во Советот, со градоначалник би доминирало. А, ако доминира, тоа значи дека целокупниот развој, целокупните средства потребни за развој и одржување би ги насочило спрема своите, спрема градските потреби. Што значи, понатамошна маргинализација на руралните средини, тие и сега се маргинализирани во однос на градските, и понатамошно погигање на јазот, меѓу руралните и урбаните делови, на штета на руралните или селските делови на општините.“

Освен овие аспекти на предложената територијална поделба во јавноста имаше реакции за етничкиот аспект при прекројување на границите:

„Нешто од ова е направено исклучиво со цел еден етницитет да доминира во однос на другиот. Кога вештачки се зголемуваат општините, само да дојде до превласт на едниот етницитет во однос на другиот и тоа е неповолниот момент. На пример, оптшина Струга, во којашто сега има 47% македонско, а 41% албанско население, се оди да се направи со преовладувачко албанско население, така што според новиот сооднос би биле околу 35 насто Македонци и 55 насто Албанци. Ова не би било ништо невообичаео и неочекувано, ако тргнеме од реална анализа. Општината Струга и денеска со 37 илјади жители може да опстојува како единица која има добар финансиски капацитет. Зошто е потребно сега да и се додаваат други општини кои имаат и етничка конотација?“

И во најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека владиниот концепт за територијална поделба генерира етничка поделба во државава во нејзиниот западен дел.
XS
SM
MD
LG