Достапни линкови

МПЦ останува на страната на традицијата


Во нашата земја најголем процент од населението со граѓани од православна вероисповед. Христијанскиот празник Божик, се одбележува според стариот календар на 7-ми јануари. Помал дел од популацијата кај нас, има католичка вероисповед. Тие празникот на раѓањето на христијанскиот бог го одбележуваат според новиот календар, на 25-ти декември, што е прифатен во Европа:

„Ние го славиме, исто, само што е порано, на 25-ти.“

Православните граѓани во Македонија им го честитаат католичкиот божик на нивните пријатели и соседи од таа вероисповед:

„Комшии ги имаме калуѓерките и знаеме кога е католичкиот божик. Ќе има прослава.“

Во суштина станува збор за христијански празник, но тие сметаат дека има разлики во обичаите.

„Тоа што останало од традицијата, знаеме, на бадник ќе си запалиме оган, на коледе одат децата. Кај никого нема тоа. До мене се тие часните сестри, одат тие, примаат коледари, ама не е тоа тоа, тоа што го имаме ние, адетот наш.“


Во меѓувреме останува да биде актуелна поделеноста за ставовите меѓу луѓето за тоа дали нашата земја треба да ја задржи својата традиција или да го прифати католичкиот датум, според кој, овој празник се одбележува во Европа.

„Време е да се доближиме, Европа е напред и да се доближиме, а не да стоиме во место. Кај нас до 25-ти нема школите да работат. Гледам сега, значи заради тоа, сите католици на 2-ри јануари се на работа, ако е работен ден. А, ние од денеска ќе почнеме да славиме или од утре, па се до 15-ти. А, се знае денеска, времето не чека никого. Ако вие не работите 15 дена, а некој работи, значи тој отишол и завршил нешто, а вие ќе чекате друга прилика.“

„На ист датум треба, затоа што со Нова Година се крши постот. Гледам и други цркви го слават заедно со католичкиот, затоа мислам дека треба.“

„Мислам дека тоа е сепак Божик, треба да се најде некое решение. Сега е цивилизиран светот и треба да се најде решение.“

„Еден е народот, ама човечкиот фактор ги поделил за да се слави на два датуми. А, инаку тоа е еден народ, еден бог е, треба заедно да се слави, затоа што е еден народ, ама сега дали нивната или нашата дата, тука е малку, тешко кој ќе попушти, сигурно.“


Граѓаните кои ја поддржуваат тезата дека Божик треба да се слави на 7-ми јануари, сметаат дека тоа е дел од нашата традиција:

„Тоа е мое и нека си остане спрема нашево. Подобро да си знаеме адетот кога го тераме.“

„Ние ќе си тераме нашето, тие нивното и нема што тука.“


Таквиот став го застапува портпаролот на МПЦ господин Тимотеј:

„МПЦ нема никакво размислување на измена на календарот. Остануваме на вековните традиции што нашите предци ги негувале. Бидејќи тоа не го прифаќа ниту свештенството, а уште најмалку пак, верниот православен народ.“

Инаку, освен во Европа, во регионот Грција и Бугарија се земјите, што во меѓувреме го прифатија 25-ти декември, како датум на кој се одбележува христијанскиот празник Божик.
XS
SM
MD
LG