Достапни линкови

Атак на суштината на парламентот


Било какво ограничување на времето за дискусија на народните избраници претставува атак на суштината на парламентот, вели Саво Климовски професор по уставно право и поранешен прв човек на на законодавниот дом во контекст на најавите на претседателот на Собранието Љупчо Јордановски дека измените на деловникот ке бидат токму во оваа насока. Според него зголемувањето на ефикасноста на парламентот треба да се прави на друг начин:

„Претседателот на парламентот не е обичен полицаец. Тој човек најпрвин со шефовите на парламентарните групи треба да ги усогласи најбитните прашања и да се договорат претходно, како ќе пријдат во донесувањето на законите, а не со силата на двата прста на мнозинството, да се ограничува правото на малцинството да може да се, дури и да го опструира парламентот.“

Климовски посочува дека постојните решенија во собранискиот деловник се слични на оние во другите парламенти во земјите во Европа. Токму затоа, додава тој ограничувањето на времето за дискусија треба да се користи само кога за тоа ке се изјасни мнозинството пратеници и во случаи само по одредни прашања, како на пример кога тие треба да одлучат за прогласување воена состојба. За ограничувањето на дискусијата тој вели:

„Тоа мора пред се да се сфати како еден нужен исклучок, а не како правило кон коешто претседателот на парламентот треба да посега, затоа што не е во можност да речеме, да изврши минимум усогласување и не е во можност, да си ја надмине својата партиска припадност. Тој кога ќе седне на тоа место, треба да знае дека треба многу повеќе да го штити малцинството, а не да навива за мнозинството.“

Тито Петковски пратеник од социјалдемократскиот сојуз и поранешен претседател на Собранието пак посочува дека ограничувањето на дискусијата постои во парламентите во Централна и Источна. Притоа тој објаснува кои се причините поради кои треба да се ограничи времето за изјаснување на пратениците:

„Ние сме уште во зародиште на парламентарна демократија и кај нас луѓето чувствуваат потреба да кажат се, сметајќи дека така може да дојдат поблиску до избирачот. Во современите парламентарни демократии, луѓето не дебатираат, имаат портпарол кој известува, и на самата седница заедно со претставникот на владата водат полемика. Кај нас се се сведува на политичка пропаганда, на реклама.“
XS
SM
MD
LG