Достапни линкови

Македонската дипломатија е нетранспарентна и без стратегија


Впечаток е дека ние за нашата дипломатска мрежа дознаваме тогаш кога за неа треба нешто негативно да се каже, или еднаш годишно, кога се свикува амбасадорскиот совет. Оттаму, вели, поранешниот министер за надворешни работи, а сега пратеник Слободан Чашуле:

„Да не прашате која е стратегијата што тие наши амбасадори или тоа наше министерство ја спроведува, или треба да ја спроведува, тешко би можел да ви одговорам.“

Затоа што, смета Чашуле, нашата дипломатија функционира нетранспрентно, а недостасува и вистинска комуникација и инструктажа, меѓу министерството и нашите конзуларни претставништва, што е клучно. Она што е неопходно, вели поранешниот министер и професор по меѓународно право Денко Малески:

„Државата мора, откако сите внатрешни конфронтации и караници ќе завршат, да формулира заеднички став и кон светот да зборува со еден глас.“

Кон ова и потребата од вистинска анализа на меѓународните глобални процеси и позиционирањето на Македонија во однос на нив:

„Како што гледаме често има и промени, се менуваат ситуациите, често мора да се менува и тактиката,“

смета Малески.

Ваквата потреба ја нагласува и Чашуле:

„За да можеме да ги определиме параметрите на нашата стратешка позиција, врз основа на тоа да ги детерминираме нашите интереси и потоа преку дипломатија да се залагаме за нив.“

Во меѓувреме, функцинорањето на МНР и нашата дипломатска мрежа е онолку ефикасна, колку што ни се ефикасни сите институции во државава, вели Малески:

„Погледнете ги другите институции во општеството, како се организирани, ако тоа ви се допаѓа, така е организирано и министерството.“

Тој посочува на последниот пример каде доверливите извештаи и комуникацијата меѓу МНР и нашиот амбасадор во Вашингтон по грешка пристигале на електронска адреса на Бугарин во Германија, поради недостаток од криптозаштита, овој проблем е стар 13 години и јас се среќавав со него, вели Малески:

„Тоа не се така драматични работи да не може да се решат, што бараат, е бараат она што ние често го немаме, бараат дисциплина, упорност, посветеност и дневна работа.“

Успешноста на надоворешноста, како резултат на добрата внатрешна политика е пресудна за иднината на земјата, посочува Чашуле:

„Според тоа, генерално земено, ако вака продолжиме, ние не само што сме исчезнати од гео стратешката карта на светот, ние ќе исчезнеме и од географската карта.“
XS
SM
MD
LG