Достапни линкови

Расправа за децентрализацијата


Несогласувањата околу пакетот закони за децентрализација, поточно законот за територијална поделба, причина за средба кај претседателот Борис Трајковски на претставници на политичките партии потписници на рамковниот договор, министрите за локална самоуправа и финансии, како и на претставници на меѓународната заедница. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека децентрализацијата и пренесувањето на надлежности на локалната самоуправа не е спорно, но тие не се согласуваат со прекројувањето на границите предложено од владата, според кое од 123 општини бројот се намалува на 71 општина.

„Треба да се има предвид дека основен критериум за нова територијална поделба претставува мислењето и перспективите на локалното населените. Бидејќи локалната децентрализација треба да се усмери токму кон тоа, значи за сгоемување на квалитетот на живот на локалното население,“

изјави Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владеачкиот СДСМ велат дека се подготвени да разговараат за промени во бројот на општините:

„Ние внимателно ги сослушуваме, анализираме и опсервираме сите изјави во јавноста и ќе ги разгледаме дополнително. Секако, онаму каде што има основа за тоа, ќе се обидеме да изнајдеме најдобри можни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните,“

вели Борис Кондардко, портпарол на СДСМ.

Од кабинетот на претседателот Трајковски посочуваат дека средбата не е со цел да се супституира парламентарната процедура или јавната расправа, по пакетот закони за децентрализација:

„Борис Трајковски како потписник на рамковниот договор и како ментор на сите политички разговори од 2001 година, па наваму, оцени дека овие разговори можат само да помогнат во насока на попуштањето на тензиите и она што е најважно, креирање на квалитетни закони што ќе ги издржат предизвиците на времето и ќе бидат разбрани и прифатени од мнозинството граѓани на Република Македонија,“

изјави портпаролот на кабинетот на претседателот Андреј Лепавцов.

Првиот човек на собранието Љупчо Јордановски информира дека првото разгледување на овие закони ќе заврши до средината на јануари, по што ќе следи јавна расправа:

„Се надевам дека комплетирањето и изгласувањето на сите закони би требало да се заврши до крајот на февруари.“
XS
SM
MD
LG