Достапни линкови

logo-print

Доминираат политички теми, економијата заборавена


Политиката е омилена тема на македонските пратеници. Парламентот, со денови, па и со ноќи дебатира исклучиво за гола политика, и се има чувство дека станува неефикасен, а со тоа не покажува чувство за реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Опозицијата вината ја префрла на владата која според неа речиси цела година е без идеа за конкретни економски проекти, вели либералот Стојан Андов:

„Економијата е присутна пред пратениците само во форма која претходно е веќе договорена и дефинирана со ММФ, а владата пак не излезе ниту со една идеа, како макар во тие рамки да внесе некој механизам во економијата, на пример, кој ветува пред граѓаните, или пак да покаже некоја особена грижа за состојбата во која се наоѓаат маса граѓани.“

Владеачкото мнозинство не им дава шанса на проектите на опозицијата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Никола Груевски, чија пратеничка група, сепак во име на граѓаните, исто така не предложила да се расправа, на пример за сиромаштијата во земјава:

„Не е исклучено дека тоа ќе го направиме, само што обесхрабрени сме од однесувањето на власта, кога даваме други точки, еве за убиството на Диме Ицковски Поштарот, од претседателот на парламентот добивме одговор дека по цена на интерпелација, тој никогаш нема да ја стави на дневен ред итн. Какво охрабрување е тоа за пратениците? Тоа е порака, правете што сакате, предлагајте што сакате, ние ќе го ставиме на дневен ред, само она што нам ни одговара.“

Талат Џафери од ДУИ смета дека економијата не се потценува, но во моментов според него, има приоритетни точки од Рамковниот договор.

„Со буџетот што ќе се донесува сега и со завршувањето на пакетот закони за локлална самоуправа се отвора простор да се расправа за оние закони и проекти од економскиот дел.“

Либерал демократот Анфреј Жерновски, ја прифаќа критиката дека парламентот потфрлил во сферата на економските проекти:

„Кај нас натпреварот е кој е поголем или помал Македонец, кој е поголем или помал Албанец, меѓутоа убеден сум, сигурен сум дека граѓаните ги интересираат многу повеќе економските прашања. Многу повеќе ги интересира да се намали невработеноста и да потсетам, на обврската што ние како власт и парламентарно мнозинство ја преземавме, а тоа е да ги решаваме токму овие прашања, како едни од најважните.“

Владеачките, социјал – демократи, споритвно, опозицијата е таа што го блокира Собранието, со точки од политичка прилога, вели Славица Грковска:

„По предлог законот за Универзитетот во Тетово се покажа дека токму од страна на опозицијата се прави обид за блокирање на работата на парламентот.“
XS
SM
MD
LG