Достапни линкови

Проблематична година за соработка со владата


Во годишното обраќање до Собранието на Република Македонија, претседателот Борис Трајковски се осврна врз политичко - безбедносната и економската ситуација во земјата. Проблеми во кохабитацијата со владата, рече претседателот, критикувајќи ја пред се за економската политика во земјата. Трајковски ја оспори легализацијата на Тетовскиот универзитет и го критикуваше законот за децентрализација.

Во традиционалното годишно обраќање пред Собранието, претседателот Трајковски рече дека државата се движи во вистинска насока, но и оти многу проблематични места останаа, особено како што рече, оние од економска природа, во таа сфера, Трајковски и со презентација, но и со оценка за неговите достигнувања:

„Транзицијата трае предолго. Во стопанството состојбата е далеку од позитивна. Со цел да ги поддржам домашните стопански субјекти, во нивните напори за освојување на нови пазари, во годинава што изминува и помогнав особено на градежната оператива во Република Македонија, да добие инвестициони работи во вредност поголема од 140 милиони долари.“

Политичките функции се делегирани од граѓаните и политичката одговорност се поднесува пред нив:

„За жал, кабинетското управување, наместо да биде дел од лошото минато, останува доминантен стил на однесување.“

Ова е само една од низата критички забелешки што шефот на државава ги посочи во однос на актуелната извршна власт. Тој ја оспори намерата на владата за легализирање на Тетовскиот универзитет, со став дека тоа не е предвидено со рамковниот договор и дека со него се мултиплицираат образовните центри. Трајковски го критикуваше и законот за децентрализација, барајќи за него широк политички и граѓански консензус. Во говорот на претседателот годинава, кохабитацијата со владата е оценета како проблематична.

„За жал кај нас се случи да не можеме да ги конституираме двата клучни органи на политичката и судската власт, Уставниот суд и Републичкиот судски совет.“

Тој ја детектира и појавата на партиски реваншизам во отпуштањата во јавната администрација и судските процеси. Говорејќи за безбедноста, која во ова излагање не зазеде поголем дел, за разлика од порано, шефот на државава констатира оти таа е подобрена, но оти постојат изолирани групи и поединци кои ја загрозуваат. Тој побара:

„Надлежните органи овие групи, политички да ги изолираат и да ги неутрализираат.“

Трајковски се осврна и на проблемот со киднапираните и на фактот што и годинава тој не е решен. Во делот за амбициите за членство во НАТО, претседателот со директна порака до владата, дека ќе ги користи своите овластувања како врховен командант, во чија надлежност се и реформите на одбраната.

Претседателот ја поддржа и најавата за апликација за членство во ЕУ и регионалната соработка, за која рече дека е многу подобра од порани и изрази очекување за што поскоро решавање на спорот со името. На крајот, Трајковски со надеж дека претстојната година, ќе ги разбуди гордоста и ќе вроди со целосен морален и духовен препород на земјата.
XS
SM
MD
LG