Достапни линкови

logo-print

Заложба за спроведување на документот Стандардите за Косово


Членовите на Советот за безбедност на Обединетите Нации, на седницата посветена на Косово, се заложија за спроведување на документот Стандардите за Косово, со оценка дека од тоа ќе зависи и почетокот на преговорите за конечниот статус на покраината, како и перспективите за приближување до Европската Унија.

Потсекретарот на Обединетите Нации за мировни мисии Жан Мари Гејхено оцени дека косовските срби другите малцинства имаат мало влијание врз донесувањето на одлуките на Косово. Тој на седницата на Советот, изјави дека србите не се доволно застапени во владините институции и недоволно интегрирани, додавајки дека помалку од 10 илјади срби се вратиле во покраината од вкупно 250 илјади, колку што имало пред 1999 година. Враќањето и интеграцијата на малцинствата е еден од клучните услови на Обединетите Нации, пред решавањето на статусот на Косово. Документот за спроведување на реформите повторно ќе биде разгледан за 18 месеци, но Гејхено изјави дека нема точно утврдени рокови.

„Јасно е дека нема рокови и оти процесот за идниот статус нема да започне автоматски. Предуслов за каква било дискусија за статусот е исполнувањето на 8-те стандарди.“

Во стандардите се вклучени и функционирањето на демократските институции, владеењето на правото, слобода на движење и дијалог меѓу Белград и Приштина. Членовите на Советот за безбедност изразија разочароност од бавноста на реформите на Косово и побараа од Белград и Приштина да го обноват директниот дијалог. Германскиот амбасадор Гинтер Плојгер изјави дека од реформите зависат и перспективите на Косово за европската интеграција.

„Имплементацијата на стандардите ќе биде тесно поврзана со процесот за асоцијација во Европската Унија, а опструкцијата сигурно ќе се одрази врз тој процес.“

И британскиот амбасадор Џонс Пери ги повика косовските лидери да вложат поголеми напори во спроведувањето на стандардите.

„На Косово му е дадена можност да излезе од темнината и да оди напред, а целиот концепт стандарди пред статус не е само реторички.“

Амбасадорот на Србија и Црна Гора Дејан Шаховиќ ги обвини косовските лидери за прекин на дијалогот со Белград за практичните прашања.

„Ние ја искажуваме целосната готовност на Србија и Црна Гора за разговори околу практичните прашања од интерес за сите, кои можат да го подобрат животот на луѓето на Косово.“

Според договорот, експертски тимови на двете страни треба да ги договорат прашањата како што се енергијата, транспортот и враѓањето на малцинствата.
XS
SM
MD
LG