Достапни линкови

ОБСЕ и Меѓународната агенција за миграција ќе обучуваат македонски полицајци


Во рамки на реформата на полицијата, а паралелно со полициската мисија „Проксима“, ОБСЕ и меѓународната организација за миграции спроведуваат едногодишна тренинг програма за зголемување на ефикасноста во работата на припадниците на Министерството за внатрешни работи, во борбата против организираниот криминал, поточно трговијата со луѓе. Во овој тренинг се вклучени различни нивоа полициски структури кои ќе бидат обучени за соодветно препознавање на овој вид криминал. Оттука се очекува зголемување на ефикасноста за прогонот на сторителите на кривични дела од оваа област.

„Очекувањата се дека глобално ќе се зголеми ефикасноста на прогонот на овие дела на трговија со луѓе. Ќе се зголеми ефикасноста на полицијата во нивната полициска работа, во полициско – истражните дејства и секако ќе биде потенциран акцентот на соработка на полициско – истражните структури со јавното обвинителство уште во раните фази на предистражно дејство. Тие ќе добиваат директни насоки за превземање на истражните дејствија, со оглед на тоа, пријавите коишто подоцна ќе бидат поднесени да бидат основани и бидат дополнително аргументирани со соодветни владини докази,“

изјави Владимир Данаилов од меѓународната организација за организации.

Изабел де Рут од ОБСЕ, пак, за овој полициски тренинг вели:

„Мислиме дека ова е многу важна иницијатива. Борбата против трговијата со луѓе е приоритет на данското претседателство на ОБСЕ: ОБСЕ ќе обезбеди тренери и водители на обуката која ќе биде насочена на припадниците на крими полицијата. Сметаме дека со овој програм Македонија предничи во однос на многу други земји. Се надеваме дека по овој мошне обемен програм на обуката ќе можеме да видиме директен ефект на теренот.“

Според нив, соработката меѓу надлежните инстируции за сузбивање на нелегалната трговија со луѓе е неопходна за да се постигнуваат резултати во полицискиот прогон, но и во судските предмети кои се од оваа област. Инаку, динамиката на тренингот ја утврдува МВР во соработка со овие организации.
XS
SM
MD
LG