Достапни линкови

Вообичаена практика, резултатите не се обврзувачки за владата


Незадоволството од владиниот предлог за прекројјување на општините во земјава е причина за најавата на некои градоначалници за одржување на референдум. Професор Владо Поповски кој во 1996 година учествуваше во територијалната поделба на Македонија, за изјаснувањето на граѓаните за прашања од локалната самоуправа, особено за прекројување на општините вели дека е вообичаена пракса. Според него има неколку начини на изјаснување на граѓаните

„На два начини е можно тоа изјаснување, за да ја изразат својата согласност или несогласност. Или по пат на референдум или преку консултации. Европската повелба за локална самоуправа секогаш предвидува, граѓаните да бидат или консултирани, или пак со референдум да одлучат за формирање на општина или за прекројување на општина и создавање нови граници. Вообичаено е, дури е препорачливо, затоа што станува збор за област локална самоуправа, којашто се дефинира како демократија на граѓаните или тие да земаат дел од правата како свое право.“

Градоначалникот на Струга, Ромео Деребан смета дека предлагачот на законот при подготвуавње на предлог законот не ја почитувал Европската повелба за локална самоуправа:

„Наместо тоа тој се раководел од некои политички принципи, како што кажа и самиот министер за локална самоуправа, се раководел од принципот да се задоволат интересите на коалициониот партнер, а исто така да се подготви терен за претстојните локални и претседателски избори во Република Македонија.“

Поповски објаснува дека во случај на одржување на референдум тој нема да има обврзно дејство за Владата или пак Парламентот и додава:

„Не е по сила на законот задолжително решението на референдумот, меѓутоа треба да се има предвид дека доколку е референдум решението коешто е резултат на референдумот има голем политички авторитет и доколку не е почитувано, тоа значи дека прашањето на легитимноста на одлуката на владата и на парламентот се доведени под сомнение или под прашање.“
XS
SM
MD
LG