Достапни линкови

Продолжува сведочењето на Весли Кларк во случајот Милошевиќ


Пензионираниот американски генерал Весли Кларк денеска во Хашкиот трибунал го продолжува сведочењето против поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ. Сведочењето на Кларк кој беше командант на интервенцијата на НАТО врз Југославија во илјада деветстотини деведесет и деветата година и кој имаше неколку директни контакти со Милошевиќ е проследено со неколку преседани.

Весли Кларк, пензионираниот американски офицер со четири ѕвездички и Слободан Милошевиќ на кој му се суди за жртвите и етничкото чистење на Косово се сретнаа зад затворена врата за јавноста во судската сала на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Пред да го започне сведочењето Кларк изјави дека многу добро го познавал Милошевиќ.

„Поминав повеќе од сто часови, во период од четири години, со Милошевиќ и тоа на различни функции. Како офицер за стратегиско планирање со амбасадорот Холбрук бев во преговарачкиот тим во 1995 за време на Дејтонските договори и потоа како врховен командант за Европа во договарањето со Милошевиќ во војната со Југославија околу етничкото чистење на Косово.“

И покрај тоа што сведочењето на Кларк ќе и биде познато на јавноста по неколку дена, не постојат никакви дилеми кои се неговите лични погледи за Милошевиќ. Тој во минатата година нив ги опиша во неговата книга „Водење современа војна: Босна, Косово и иднината на борбата“. Во неа тој пишува дека Милошевиќ не само што ја командувал полцијата, туку, преку своите приврзаници на водечките позиции, раководел и со армиските сили. Според Кларк, Милошевиќ бил крајно манипулативен лажго и кавгаџија. Друг невообичаен аспект на сведочењето на Весли Кларк е неговата затвореност за јавноста. Како меѓународен суд, главна цел на Хашкиот трибунал е да ги донесе воените злосторници пред лицето на правдата и притоа да им суди транспарентно. Во овој случај Соединетите Држави му дозволија на Кларк да сведочи само под услов јавноста одложено да се запознае со неговите искази. Условот беше прифатен, а тоа вака го објасни портпаролот на Хашкиот трибунал Џим Лендејл.

„Генерал Кларк ќе сведочи во судењето на Милошевиќ под она што се нарекува правило седумдесет во судската процедура. Тоа правило им дозволува на оние што ги даваат информациите, а во случајов тоа е владата на Соединетите Држави, да побара заштитни мерки доколку тие чувствуваат дека нивните национални безбедносни интереси би можеле да бидат нарушени ако некои делови на сведочењето бидат објавени во јавноста.“

Инаку, аналитичарите сметаат дека појавувањето на Кларк во Хаг има уште еден интересен аспект. Имено, поранешниот воин Весли Кларк, сега е политичар, како што до пред неколку години беше и Слободан Милошевиќ. Кларк е еден од водечките кандидати за да јо добие номинацијата на демократите за да му се спротивстави на републиканецот Џорџ Буш на претеседателските избори во идната година. Според нив. Секој политичар би требало да биде задоволен што е во фокусот на едно вакво многу познато судење какво што е против Милошевиќ.
XS
SM
MD
LG