Достапни линкови

Стартува „Проксима“


Со стартот на полициската мисија „Проксима“ и крајот на мандатот на „Конкордија“ во Македонија денеска практично заврши странското воено присуство. Војниците на ЕУ на церемонијата на која покрај македонскиот државен врв, присуствуваше и високиот европски претставник Хавиер Солана ги заменија европските полицајци. Крајот на операцијата на „Конкордија“ во ниедна смисла не претставува крај на ангажирањето на ЕУ, посочува Солана, оценувајќи дека главна закана за стабилноста на земјава повеќе не се вооружените конфликти, туку криминалот, поради што помошта од Брисел се фикусира врз полициски, наместо врз воени инструменти. Оттаму „Проксима“ има пет основни цели, како најважна се нотира помошта на македонската полиција во борбата против организираниот криминал:

„Другите четири се имплементацијата на националната стратегија за реформи на полицијата, операцијата за транзиција на граничниот менаџмент, што значи пренос на надлежностите за границите од Министерството за одбрана на Министерството за внатрешни работи. Потоа, натамошно градење на довербата во смисла на подобрување на комуникацијата меѓу полицијата и населението како и подобрување на регионалната соработка, односно соработката со полициите во соседните земји,“

изјави шефот на мисијата Барт Де Хуг. Тој прецизира:

„Се на се ќе имаме околу 230 полицајци. Од нив, 150 ќе бидат на терен. 13 до 15 во МВР, потоа околу 20 цивилни претставници кои главно ќе работат во администрацијата и ќе имаме мал број вооружени претставници на мисијата за заштита. Полицајците на терен ќе бидат стационирани во централата во Скопје, како и во полициските станици во Тетово, Куманово, Гостивар, Дебар и Охрид. Тие се регрутирани од 15-те земји членки на Унијата, но и од десетте идни членки. Трите држави кандидати на членство како и од Турција, Канада, Русија, Украина и САД.“
XS
SM
MD
LG