Достапни линкови

Противкандидатот на Буш и натаму непознат


Хауард Дин годинава што изминува ја потроши на кампањата да стане кандидат на Демократската партија за претстојните претседателски избори во Соединетите Држави. Отпрвин за овој лекар и поранешен гувернер на северноисточната американска држава Вермонт се сметаше дека нема шанса да стане предизвикувач на актуелниот републикански претседател Џорџ Буш. Но, сега Дин, благодарние на Интернетот стана еден од најдобро финансирани кандидати на Демократите.

Испитувањата на јавното мислење во Соединетите Држави покажуваат дека Хауард Дин, според рејтингот, води на листата на која се наоѓаат уште осуммина други кандидати на Демократската партија. Дин тоа го постигна преку Интернет, со кој успеа, со добивање мали донации од граѓаните, да собере голема сума пари за својата кампања. Што е уште поважно, деновиве тој ја доби поддршката и од најпроминентниот член на Демократската партија. Станува збор за поранешниот потпретседател Ал Гор кој вели дека Хауард Дин е единствениот кандидат кој може да ја покрене потребната трансформација во земјата. Гор исто така го пофали Дин дека, како што рече, беше еден од малкумината храбри кои први ја критикуваа админситрацијата на Буш за војната во Ирак. Ваквите пофалби се многу значајни ако се има предвид дека Ал Гор кој иако, како претседателски кандидат на демократите загуби на претходни избори, претставува номинален лидер на партијата. Сепак, според аналитичарите, Ал Гор ваквиот потег го направил повеќе во своја, отколку во полза на Хауард Дин. Политичкиот аналитичар Лери Сабато за Радио Слободна Европа вели дека на таков начин Ал Гор се обидува да стане и фактички лидер на демократите. Тоа, според Сабато, доколку Хаурад Дин успее да победи на претседателските избори, ќе му овозможи на Ал Гор да има поголемо влијание врз Белата Куќа. Доколку пак Дин биде поразен, тогаш Гор очигледно смета да ги наследи сегашните негови поддржувачи со цел уште еднаш да се кандидира за американски претседател во две илјади и осмата година, наведува Сабато, кој го споредува Ал Гор со Ричард Никсон.

„Тој е демократски Ричард Никсон кој тесно ја загуби трката за претседател во илјада деветстотини и шеесетата, но по осум години успеа да ја добие таа функција. Тоа е она што сака да го направи и Гор во две илјади и осмата година.“

Ваквата претпоставка Сабато ја базира врз фактите дека во моментов повеќе од демократите, како што е и Хауард Дин впрочем, се премногу левичарски настроени и оти со самото тоа ќе биде тешко да го победат Џорџ Буш. Со ова не се согласува Бил Френзел поранешен член на републиканците во Претставничкиот дом. Според него, поддршката на Гор за Дин не е ништо повеќе од обично прифаќање на реалноста.

„За луѓето кои сакаат нешто да значат за партијата во иднина е подобро да се качат на вагонот пред тој да им избега,“

вели Бил Френзел.
XS
SM
MD
LG