Достапни линкови

Политичка поделба на територијата на Македонија


Владиниот концепт за територијална поделба е резултат на политички пазар кој како модел за дефинирање на границите на државата е неприфатлив, оценуваат во опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и ДПА еден ден по објавувањето на решенијата според кои се предвидува Македонија да има 71 општина, од кои на девет ќе биде поделен главниот град:

„Во Кичево, во Струга, во Скопје сметам дека решенијата се катастрофални,“

вели Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со Арачиново нешто се калулира, во смисла, ќе биде или не ќе биде со Скопје. Се направија многу отспатки за ДУИ, па ќе попуштат и сега, и во тој случај ќе ја променат и етничката карта на Скопје.“

Моделот на припојување на дел од општините и нивно прекројување што е предвидено за градот Скопје е повод за незадоволство и во ДПА:

„Ние баравме општина Кале, да имаме една општина, тоа сега се сведува на нешто што не може да биде прифатливо за нас,“

изјави Демуш Бајрами од таа партија.

Покрај забелешките во делот на решенијата што се содржани во предлог законите за децентрализација, партиите главно забележуваат дека процесот на нивното донесување е нетранспарентен и дека решенијата се политички и нејасни:

„Земени се во предвид нивните политички побуди. И тука е направена една политичка територијална поделба, која не ги задоволува потребите на граѓаните, туку потребите на коалицијата,“

изјави Абдулади Вејсели од ПДП. Влијанието на политиката во изработувањето на законите за децентрализација ресорниот министер Александар Гештаковски не го исклучува:

„Оваа влада е колаициона влада, со свои програми, со свои бирачи и сигурно колку се приближуваат претседателските и локалните избори, сигурно влијанието ќе е големо.“

Пакетот закони за децентрализација во наредниот период треба да се најде во собраниска процедура, по што и граѓаните ќе може да ги дадат своите мислења. Во тој контекст, Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ забележува дека тајмингот во кој треба да се расправа за овие клучни закони е кус:

„Пред нова година, сега на 26-ти спремаат седница на која треба да бидат 40-тина закони, меѓу кои и територијалната и сметам дека ќе има многу револт во Македонија.“
XS
SM
MD
LG