Достапни линкови

Македонија со 71 општина


Владата ја дефинираше новата територијална поделба на Македонија, според која, наместо сегашните 123 се предвидува да има вкупно 71 општина.

„Девет од нив го сочинуваат градот Скопје, додека другите 62 општини ја организираат локалната самоуправа во Република Македонија,“

изјави министерот за локална самоуправа Александар Гештаковски, во презентација на законските решенија за кои согласност постигнале коалиционите партнери. Според овој владин концепт, се предвидува во државата, покрај македонскиот, како службен јазик во 27 општини да се користи и јазикот на заедниците, кои учествуваат со најмалку 20 проценти во вкупната популација:

„На пример, во 25 општини покрај македонскиот службен јазик, ќе биде и албанскиот. Во една општина покрај македонскиот ќе биде и турскиот, во една општина покрај македонскиот службен јазик ќе биде и ромскиот службен јазик. Во две општини покрај македонскиот јазик, покрај македонскиот јазик службени јазици ќе бидат и турскиот и албанскиот јазик. Во една општина, покрај македонскиот службен јазик, службени јазици ќе бидат и српскиот и албанскиот јазик.“

Во предлогот на владата постојат и алтернативни решенија, според кои Арачиново, Липково и Вевчани, исто така би можело да станат општини. Во тој случај, Скопје со Арачиново ќе има десет општини, а бројот на Албанците во вкупната популација во главниот град че изнесува 16,8 проценти, наместо 15,35, тоа значи дека службен јазик на ниво на Скопје како општина ќе биде македонскиот јазик. Додека, во општините во тој град, каде што припадниците на заедниците учествуваат со 20 проценти, ќе се користи како службен јазик и јазикот на тие заедници, рече Гештаковски. Извесно е дека во Чаир како општина, во која над 50 проценти од популацијата ја сочинуваат граѓани од албанска националност, покрај македонскиот како службен јазик ќе се употребува и албанскиот, додека таква можност има и во општините Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари. Министерот за локална самоуправа рече дека со ваквите предлози се настојува да се создадат општини што ќе одговорат на потребите, декомкратските и економските потреби на граѓаните. Прашан дали при изработувањето на законите биле вршени партиски влијанија министерот Гештаковски рече:

„Оваа влада е коалициона влада, со свои политички програми, со свои бирачи и сигурно е дека колку се приближуваат претседателските и локалните избори, сигурно влијанието ќе е големо.“

Усогласувањето на коалиционите партнери околу пакетот закони го поздрави канцеларијата на европскиот специјален претставник Алексис Брунс:

„Ние сметаме дека тоа е голем чекор напред, бидејќи децентрализацијата е клучно погавле во Рамковниот договор, без коешто не е можна негова имплементација и приближување кон Европа,“

изјави портпаролот Шина Томсон.
XS
SM
MD
LG