Достапни линкови

Наместо 123 во Македонија 71 општина, девет во Скопје


Партнерите во власта на седницата во Владата постигнале начелна согласност, да биде прифатено решение, според кое, бројот на општините од сегашните 123 ќе биде двојно намален:

„Ние оставивме некои отворени варијанти, дали ќе има 60 или 62 општини. Овие закони ќе влезат во собраниска процедура и ќе се усвојат во две фази. Ова значи, дека кога ќе се затвори првата фаза во Собранието, тие закони повторно ќе се вратат назад во владата и таа ќе ги разгледа варијантите за кои мисли дека се најприфатливи,“

изјави потпретседателот на владата Муса Џафери, пренесувајќи детали од разговорите во владата. За градот Скопје, партнерите во коалицијата прифатиле решение, според кое, градот треба да се подели на општини, со што првичниот предлог, со кој се предвидуваше поделба на Скопје по региони се отфрла.

„Според владиниот предлог, Скопје треба да има од 11 до 13 општини. Се задржавме на некои важни елементи, како на пример определбата од Рамковниот договор, за употреба на албанскиот јазик во општините, каде што концентрацијата на Албанците е поголема, а тоа е случај со Чаир, Бутел, Гази Баба, додека за Арачиново, сеуште се договараме и се размислува дали тоа да стане дел од Скопје,“

изјави Џафери.

На владината седница, на која се договарани новите решенија, во пакетот закони за децентрализација, коалиционите партнери според Муса Џафери, постигнале согласност Зајас да се припои кон Кичево, а Велешта кон Струга, со што доминантно албанско население ќе има во тие општини:

„Струга, Кичево и Гостивар евентуално и некоја општина во гостиварско, потоа Тетово и Желино, ќе бидат општини каде што ќе има над 50 насто Албанци. Потоа, има општини каде ќе има од 20 до 50 насто Албанци.“

Какви решенија, официјално ќе содржат новите закони за територијалната поделба и за градот Скопје треба да биде познато во текот на денов, кога во владата ќе бидат презентирани новите решенија. Во партиите од опозицијата велат дека очекуваат да ги слушнат официјалните верзии, за кои партнерите во власта, постигнале согласност, по што ќе излезат со свои ставови.
XS
SM
MD
LG