Достапни линкови

Стабилноста нема да биде доведена во прашање


Најавите за сукцесивно повлекување на војници на НАТО од Балканот нема да ја доведе во прашање стабилноста на овој дел од Европа затоа што алијансата ќе задржи нужно ниво на сили кои ќе гарантираат стабилност, изјави професор Владо Поповски поранешен министер за одбрана:

„Не е логично, да се оди да се гасне друг пожар, а притоа да се остават услови да се запали старото жариште, да кажеме, тука на Балканот. Нема никакво место за стравување во таа насока, меѓународната заедница подолго ќе биде присутна на Косово и нивниот учинок околу мирот нема да се заклучи.“

Според него може да се заклучи дека повлекувањето на војници ке се движи паралелно со степенот на смирување на ситауцијата, бидејки како што вели:

„Нема знаци дека ситуацијата ќе експлодира или ќе има нови немири од поголеми размери ниту на Косово, ниту во Македонија, ниту во Босна. Напросто целиот процес е тргнат кон стабилизирање на институциите и излегување од кризата. Значи, не треба да се очекува дека тие ќе свртат грб, со оглед на тоа што е направено по распадот на Југославија.“

И Стево Пендаровски советник на претседателот Борис Трајковски за национална безбедност смета дека појавата на нови жаришта во светот како на пример Ирак нема да има негативно влијание на безбедноста во регионот:

„Затоа што пред воопшто да се намалат воените мисии на Косово и во Босна беа направени анализи за идните трендови кои покажаа дека и со помали воени ефективи на Балканот, условно кажано може работите да се држат под контрола. Тоа што постојат други делови од светот каде што се потребни странски војници, не значи дека Балканот ќе излезе од агендата и дека териториите наеднаш ќе бидат напуштени. Се работи за сукцесивен план за намалување на воените сили кој ќе продолжи, ако продолжат трендовите во регионот.“
XS
SM
MD
LG