Достапни линкови

Доларот и натаму тоне во споредба со еврото


Тонењето на доларот спрема еврото ги изненади аналитичарите. Додека американската економија покажува знаци за зацврстување, еврозоната е релативно исцрпена. Сепак доларот продолжува слободно да паѓа, допирајќи го рекордното дно наспрема еврото. Трговците велат, така ќе биде и натаму.

Американскиот долар, доколку може да им се верува на последните економски статистики, не би требало да паѓа на меѓународните пазари на пари. Според бројките, американската економија е во залет. Бруто домашниот производ во третиот квартал од година порасна на осум насто, а продуктивноста на трудот е околу десет проценти, најголема во изминативе дваесет години. Спротивно на ова, еврозоната изгледа дека е скоро мртва. Германија и некои други членки на ова зона се тетерават на работ на рецесијата. Нормално, со ваквите податоци требаше да се очекува поголема побарувачка на доларот и враќање на странските инвеститори во Соединетите Држави. Но, се случува токму спротивното. Американската валута годинава падна петнаесет насто наспрема еврото. Економистот Винсент Коен од Организацијата за европска соработка и развој вели дека е тешко да се сфатат движењата на курсот, бидејќи тие најчесто не ја следат логиката. Според него, доларот сега се наоѓа во стапица на таканареченото негативно чувство, истото што го имаше еврото пред неколку години.

„Ние сега сме во ситуација од пред четири години, кога поради најмал лош економски податок страдаше еврото. Добрите податоци единствено придонесуваа еврото да не паѓа уште. Сега така е со американската валута.“

Постојат неколку причини кои објаснуваат зошто берзанските трговци сега се плашат да чуваат многу долари. Американската влада во изминативе месеци се соочи со голем буџетски дефицит, главно поради трошоците за ирачката војна и војната против тероризмот и поради преземената серија на кратење на даноците. Тоа предизвика трговски дефицит, или со други зборови американците продолжуваат да увезуваат се повеќе и повеќе стоки од странство. Овие два дефицита се неодржливи на подолг период, сметаат експертите. Другата причина за паѓањето на доларот се каматните стапки. Американската централна банка за да го зголеми економскиот пораст, ги спушти каматите на околу еден насто, што е најниско во изминативе четириесет години. Тоа го стори и европската централна банка, но не толку ниско како американската. Така, сега е подобро банкарските штедни сметки и обврзници да бидат во евро отколку во доларска валута. И покрај ваквиот тренд, експертите сметаат дека е прашање на време кога трговците ќе се фатат на податоците за заздравување на американската економија. Затоа, според нив, сега е моментот американската централна банка да ги зголеми каматните стапки. Во спротивно, може да се забрза паѓањето на доларот што би резултирало со голема нерамнотежа во светската трговија.

„Она од што се плашиме е брзото обезвреднување на доларот. Тоа веќе не ќе може да се проголта.“

смета Винест Коен. На ист став се и повеќе други европски економисти. Еден од нив е и Дејвид Мекки од Лондон кој вели. Пред еден месец страхувавме од опасноста од паѓање на вредноста на евото. Сега размислуваме за ризиците од неговиот пораст.
XS
SM
MD
LG