Достапни линкови

logo-print

Трета фаза во акцијата за собирање на нелегалното оружје


Досегашното искуство говори, луѓето сеуште се сомневаат дека нивната анонимност ќе биде почитувана и нема да бидат кривично гонети, доколку го предадат оружјето што илегално го поседуваат. До 15-ти декември вие можете да го предадете илегалното оружје на еден од собирните пунктови. Притоа, никој не смее да ви го запише името, никој не смее да ве праша зошто и од каде ви е оружјето. Ова се нагласува во летокот што од почетокот на третата фаза на акцијата за собирање на илегалното оружје која трае од 5-ти до 15-ти декември ќе биде ситрибуиран низ целата земја. Токму на овој аспект, на објаснувањето на луѓето дека нивната анонимност е загарантирана, и нема да бидат кривично гонети е фокусиран и проектот на невладината платформа „Доста е оружје“, вели Драгица Милошевска, координатор на скопскиот регион:

„Ние најнапред работиме и на лобирање помеѓу граѓаните, правиме голема широка анкета, а во исто време ги информираме граѓаните дека ние сме таму за заштита на нивните човекови права. Сите собирни пунктови ќе бидат покриени со набљудувачи. Секој што ќе прииде кон пунктот, му се гарантира дека нема да биде сликан, дека нема да биде запишувано неговото име, што значи дека неговиот идентитет ќе остане во тајност.“

Проектот започна по првата фаза од акцијата за собирање на оружјето:

„Ние се вклучивме во проектот, од причина што сметавме дека е недоволен одзивот на граѓаните за враќање на нелегалното оружје.“

Ова е еден од ретките примери за активно, а не само декларативно вклучување на невладиниот сектор во разоружувањето:

„Од таа силна бројка, се споменуваат преку 200 организации, мал е бројот кои тоа го направија, но тие што тоа го направија дадоа навистина голем придонес,“

оценува шефот на оперативниот центар за разоружување Благоја Марковски.

Очекувањата на координативното тело е дека третата фаза од операцијата ќе биде воедно и најуспешна:

„Ние имаме голем број најави на граѓаните, кои не само што се интересираат каде се нашите пунктови и кога може да го предадат оружјето, туку се подготвени и тоа да го сторат.“

Досега се собрани 1319 парчиња оружје. Но, останува фактот дека во 18 општини во земјава не е регистрирано ниту едно парче предадено оружје.
XS
SM
MD
LG