Достапни линкови

Ниту една етничка заедница нема радикално да се зголеми


Рокот потребен за стекнување на државјанство од 15 се намалува на осум години. Ова е една од измените во законот за државјанство за кои најмногу се водеше расправа во јавноста. За експертите рокот од осум години претставува некоја средина од она што е предвидено во европските земји, односно не може да се каже дека тоа ќе биде штетно или пак дека ке предизвика зголемување на бројот на државјани:

„Дискутабилно е прашањето дали е тоа полезно или не. Она што од експертски агол може да се каже е дека најголем дел од европските држави имаат рок за натурализација од пет или десет години. Меѓу државите со рок од десет години се: Грција, Португалија, Шпанија, Австрија и до неодамна Германија. Што значи, дека ова е отприлика кругот на држави коишто имаат најдолг рок за натурализација од европските држави,“

вели Тони Дескоски од Правниот факултет.

Според него со намалувањето на рокот за добивање македонско државјанство во земјава не може да се очекува како што се говореше во јавноста, зголемување конкретно и на бројот на Албанци во Македонија. Според информации во Министерството за внатрешни работи станува збор за околу 10 000 лица кои може да аплицираат за државјанство во наредните неколку години:

„Промената на рокот, односно скратувањето на рокот само доведува до либерализација на условите, што никако не мора да значи дека тоа ќе донесе радикално зголемување на некоја етничка популација во Република Македонија. Од информациите што го имаме официјални од МВР, произлегува дека максималниот број лица коишто ќе може да аплицираат за државјанство по овој основ е околу 10,000. Тоа покажува дека тоа не е основа за било какво зголемување на некоја етничка заедница.“

Десковски оценува дека измените на законот за државјанство се во насока на модернизација на законодавството, бидејќи меѓу другото се оневозможува појавата на лица без државјанство:

„Законот во најголем дел ги задоволува сите оние стандарди коишто треба да ги има еден современ и ефикасен закон за државјанство.“
XS
SM
MD
LG