Достапни линкови

Еден од најголемите проблеми за Македонија е пренаселеноста на градовите


Постои опасност во жешката политичка дебата околу прашањето колку се валидни и точни резултатите од спроведениот попис на населението во однос на етничката структура, да се заборават податоците што оваа статистичка операција ги дава како патоказ за идното планирање на развојот на земјата. Еден од тие податоци е и оној за големата диспропорција на населеноста, односно пренаселеноста на градовите. Податокот не е нов, тој само се потврдува со овие резултати, коментира професорот на Институтот по географија Др. Никола Панов. Македонското стопанство едноставно не може да издржи ваква пренаселеност во градовите, вели Панов:

„Најголемата опасност е невработеноста. Ако се земе образовната структура, во градовите живеат многу земјоделци кои немаат што да работат, бидејќи површините градски гледате како целосно се урбанизирани. Еден од најголемите проблеми и најголемата опасност е невработеноста.“

На слична состојба укажуваат и податоците за се помала застапеност на младото население:

„Значи, ако имаме во поголем процент да имаме постаро население, треба да се загрижиме малку повеќе,“

коментира Панов и посочува, овие последни резултати само го потврдуваат трендот што одамна постои во Македонија:

„Тие се работи што статистиката ги констатирала многу одамна, 20 години ние се занимаваме со оваа проблематика. И овие статистички показатели покажуваат уште полоши резултати, а ние ништо не сме преземале да ги решиме тие проблеми. Тоа е суштината.“

Меѓународната заедница оценува дека овие резултати ќе помогнат во планирањето на идниот развој на земјата:

„Резултатите од пописот ќе им помогнат на државните и локалните власти како да ја планираат својата иднина, како на пример, каде да градат училишта и болници. Каде да развиваат комунални услуги и инфраструктура,“

го пренесува ставот на ЕУ, НАТО и ОБСЕ, портпаролот Шина Томсон. Таа очекува дека дебатата околу етничката структура брзо ќе заврши, а податоците кои ја имаат поддршката на меѓународната заедница ќе бидат основа за планирање на идниот развој на земјата.
XS
SM
MD
LG