Достапни линкови

Владеачките партии и меѓународниот фактор задоволни, опозицијата ќе анализира


Владеачките партии СДСМ и ДУИ изразуваат поддршка на резултатите од пописот што ги објави државниот завод за статистика. Додека, опозицијата најавува анализа на податоците во наредниот период. Партијата на социјал - демократите верува во објективноста на институциите што го спроведоа пописот и во резултатите од операцијата, изјави портпаролот Игор Ивановски:

„Успешно, професионално и стручно е спроведена и завршена исклучително важната државна операција.“

Теута Арифи од ДУИ најави дека оценките на оваа партија за резултатите од пописот ќе бидат во согласност со оние на меѓународната заедница:

„Додека се спремаше процесот за регистрација за попис на населението, ДУИ не беше дел од власта. Секако дека најголемата доверба ние ја поврзавме со меѓународната заедница и секако дека нашите ставови ќе се движат во линијата на меѓународната заедница.“

Во опозиционите ВМРО-ДПМНЕ и ДПА констатираат:

„Паѓа во очи дека Македонците се намалиле за три насто, а дека припадниците на албанската малцинска заедница се зголемиле за три насто. Верувам дека ќе се развие поширока јавна дискусија околу пописните резултати, особено што државната пописна комисија, особено што верувам дека претставниците од државната пописна комисија ќе има што да кажат.“

„Ние може да кажеме дека пописот беше успешен. Меѓутоа, останува да се видат тие забелешки коишто цело време ги стававме во однос на учеството на државната пописна комисија, во еден вид контрола, односно учество во обработката, а не се почитуваше. Останува да видиме како тоа, или дали навистина се одразува и има место за сомневање во резултатите,“

изјавија Ѓорѓи Трендафилов и Џемаил Саити.

Резултатите од пописот денеска во целост ги поздравија претставниците на меѓународната заедница во земјава:

„Добиените податоци презентираат фер и прецизна статистичка анализа и претставуваат точна статистичка слика на Република Македонија како витален дел од рамковниот договор, пописот се базира врз добро утврдени меѓународни стандарди, а конечните резултати ќе бидат одобрени од меѓународната мисија за набљудување на пописот, која внимателно го следеше целиот процес на оваа операција,“
изјави портпаролот Шина Томсон.
XS
SM
MD
LG