Достапни линкови

Најголем интерес за етничката структура на населението


Пописот спроведен минатата година, чијшто резултати се очекуваат, освен одговорите за етничката застапеност, обременети со политичката димензија и со нетрпение, треба да даде и точна слика за целата земја, да содржи информации за секоја општина и населено место, што би биле од полза во натамошното планирање на развојот. Станува збор за обемна операција, во која беа вклучени 11 илјади луѓе.

„Од самата акција се прибрани 2750000 образци коишто се однесуваат на единиците на пописот, на населението, на домаќинствата и становите,“

вели директорот на Заводот за статистика Дончо Герасимовски.

Некои од основните показатели што ќе се добијат со резултатите од пописот се: територијалната разместеност на населението, неговата полова, старосна и образовна структура, миграционите движења, економските карактеристики:

„Овие податоци се од витално значење за планирањето на националните, но и за локалните програми за развој. Планирањата ги вршат економските субјекти. А, секако и за самото население за да ги разбере сегашните состојби во земјата,“

вели Апостол Симовски, раководител на одделението за обработка на пописниот материјал.

На ваквото значење на пописот, за разлика од тенденцијата тој да се сведе на пребројување на етничките заедници, инсистираат и претставниците на меѓународната заедница:

„Пописот дава огромен број информации што овозможуваат планирање, програми и проекти што ќе овозможат подобра иднина на Македонија,“

вели портпаролот на европратеникот Алексис Брунс во Македонија, Шина Томсон.

Конечниот збор за валидноста на целата статистичка операција пред објавувањето на резултатите ќе го даде и меѓународниот експертски тим. Во меѓувреме ставот се базира на очекувањата дека резултатите од пописот ќе ја дадат вистинската статистичка слика за Македонија, откако целата операција се реализираше во согласност со препораките и под мониторинг на статистичката служба на ЕУ.
XS
SM
MD
LG