Достапни линкови

Зачестени оружени инциденти во Македонија


Од минатиот петок кога во Скопје е извшрена акција за апсење на Диме Ицковски - Поштарот, во која тој е убиен, а еден полицаец е ранет, па се до денес информациите за инциденти, убиства, оружени пресметки, зачестија. Насловите за мистериозно ракетирање на „Лавови“ кај Карпалак, застрелано момче во скопската населба Аеродром, ранет полицеаец во Чаир, изрешетан бизнисмен во центарот на Куманово неделава кулминираат. Сево ова во период кога Македонија се разоружува. Акцијата се одвива добро, вели шефот на оперативниот штаб, Благоја Марковски:

„Веќе во вторава фаза имаме битно подобрување на предавањето на оружјето, од страна на граѓаните и нашите претпоставки се дека тоа уште повеќе ќе се зголеми во третата фаза.“

Врската меѓу разоружувањето и зголемениот број инциденти не е исклучена, велат упатените, особено по најавите на министерот за внатрешни работи Хари Костов, дека од 15-ти декември, кога акцијата завршува, Македонија ќе заличи на полициска држава.

„Во тој период ќе почнат активности на МВР, за проверки кон сите такви јавни места, било кој да носи оружје.“

Но, употребата на оружје во меѓувреме не може да биде ниту оправдана, ниту толерирана, вели портпаролот на МВР Мирјана Контевска:

„Тоа не смее ниту да биде толерирано, ниту пак на него да се гледа како на своевидна психолошка состојба. Значи, тоа треба да биде санкционирано.“

Акцијата за собирање на оружјето и заминувањето на „Конкордија“ се клучните аргументи со кои земјава се обидува да ја испрати пораката дека успешно работи на сопствената стабилност. Меѓутоа, бројот на инцидентите, ваквата порака ја оневозможуваат. Македонската полиција тврди:

„Не, ова не е бран на инциденти, ова е бран на реакции на нашите законски активности,“

вели Мирјана Контевска, портпарол на МВР. Таа посочува на реакциите, како што е проблематизирањето на акцијата за апсење на поранешниот припадник на „Лавовите“ или мистериозното пукање врз автомобилот во кој се наоѓале специјалци од оваа, што полицијата ја обвинуваат за хајка врз нив:

„Тие шпекулации ни создаваат само дополнителни проблеми во извршување на нашите активности. Некој се обидува да го врати впечатокот дека Македонија сеуште не е стабилна.“

Надвор од дневно политичките интереси, проблемот на безбедноста сепак останува еден од клучните услови за европската перспектива на земјава, оцени неодамна европскиот пратеник Алексис Брунс:

„Тоа е причината зошто денес Македонија е зад земјите како што се Бугарија и Романија, едноставно поради проблемите со безбедноста во минатото. Затоа мислам дека таа и натаму треба и мора да биде приоритет.“
XS
SM
MD
LG