Достапни линкови

Владата не прави ништо за решавање на судбината на исчезнатите


Македонското собрание во јуни донесе одлука за формирање владина комисија за утврдување на судбината на исчезнатите и киднапираните лица во конфликтот 2001-ва. Станува збор, за создавање неутрално и независно координативно тело кое директно би му одговарало на премиерот и во својот состав би ги вклучувало и Македонците и Албанците. Премиерот Црвенковски, во август вети дека ќе бидат назначени двајца координатори на таа комисија. Ништо од тоа, до сега, не се случи. Оттаму, оценува меѓународната комисија за исчезнати лица, владата не прави ништо за откривање на киднапираните. Оваа оценка е сосема точна, вели претставник на киднапираните семејства Војо Гоговски:

„Мислам дека таа комисија го пренесува нашиот став.“

Најавите за средба во вторник, под покровителство на претседателот Трајковски со премиерот Црвенковски и министерот за внатрешни работи Костов меѓу роднините се примаат со скепса, бидејќи на неа нема да дојде лидерот на ДУИ Али Ахмети:

„Бидејќи не е клучот кај претседателот Трајковски. Клучот е кај Али Ахмети и ние од него бараме одговори.“

Сепак, на средбата е најавено присуство на претставник на ДУИ, на што семејствата се согласиле, вели Гоговски. На таа средба, министерството за внатрешни, според неофицијалните најави ќе ги презентира резултатите од истрагата. До 15-ти септември, на дежурниот телефон во МВР имало 39 јавувања со информации за исчезнатите и три писмени пратки.

Роднините истовремено најавуваат, решавање на едно од клучните прашања од кои зависи успехот на истрагата - давање крв за анализа на ДНК:

„Да се донесе заклучок, да се спроведе истрага, ние сме спремни да дадеме крв,“

вели Гоговски.

„Драго ни е што конечно оваа средба ќе се случи. Таа е уште едно од ветувањата дадени на семејствата во август. Тогаш беше речено дека до средба ќе дојде за две до три недели, а месеци поминаа, добро е таа да биде одржана и би сакале на неа да бидат донесени заклучоци што ќе ги придвижат работите,“

вели шефот на македонската канцеларија на Маѓународната организација за исчезнати Џеф Бингер. Со очекување дека владата ќе го исполни и ветувањето за назначување двајца координатори на комисијата за исчезнатите.

„Ќе ја потсетиме државата, на нејзината обврска да ја утврди судбината на сите по кои се трага, без оглед на нивниот етнички и религиски или било каков друг статус.“
XS
SM
MD
LG