Достапни линкови

Бранко Црвенковски, премиер на Република Македонија. На претстојниот самит на НАТО во Истанбул нема простор за чуда


Господине Црвенковски, како ги оценувате македонско-американските односи и дали САД стојат зад Македонија, политички и економски?

Па, односите меѓу САД и Република Македонија ги ценам дека се на едно инзвонредно високо ниво. Јас сум наполно свесен дека се работи за релации помеѓу една силна, моќна држава, супер сила од една страна и една мала држава како што е нашата, Република Македонија. Меѓутоа, уважувајќи го и почитувајќи го тој диспаритет, сепак се работи за пријателски, искрени, отворени, партнерски односи. САД во клучните моменти за Република Македонија покажаа дека стојат и зад нашата независност, самостојност, сувереност, зад територијалниот интегритет, тоа се покажа и во период кога ние се решивме да тргнеме по патот на независноста, меѓутоа и за време на кризата во 2001 година кога имаше директен ангажман на САД со цел да се спречи прошитувањето на конфликтот, да се пристапи кон мирно решавање на кризата и постигнување на еден политички договор, а исто така и во оние процеси кои за нас се од стратешко значење, како што е нашата определба да станеме дел од евро-атлантските интеграции, да ве потсетам дека пред неколку месеци дојде до потпишување на Јадранската повелба, каде што се декларираше една политичка подготвеност од страна на САД да ги поддржат овие земји во нивните аспирации да станат дел од НАТО алијансата.

Дали сметате дека Македонија доволно лобира во САД за како што рековте, нејзините стратешки интереси, безбедноста и стабилноста на земјата?

Никогаш не може да се каже дека е доволно лобирањето. Иако, морам да кажам дека односите меѓу две држави пред се зависат од суштината на односите, лобирањето е механизам којшто се користи, којшто е придружен, меѓутоа, доколку нема исполнетост и содржина на реалните односи, тогаш лобирањето не дава ефекти. Значи, ние се обидуваме да ги искористиме сите можности коишто ги имаме на располагање да ги убедиме нашите пријатели во САД во исправноста на нашите намери, нашите одлуки, да ги убедиме во неопходноста од поддршка или помош во одредени ситуации или во одредени сектори и кога ќе се погледне што е резултатот од сето тоа, можам да кажам дека навистина успеавме во една голема мера да ги убедиме САД, дека Македонија е една мала земја, но дека е еден сериозен и сигурен партнер.

Неодамна го потпишавме договорот со САД за изземање на нивните граѓани од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. Сметате ли дека тоа беше мудар потег, имајќи го во предвид ставот на ЕУ?

Тоа беше една од оние ситуации, во којашто вие немате едноставен избор, не е црно-бела ситуацијата. Значи, не е сосема јасно и не може да се дефинира, ова е добро, а ова е лошо, ова е правилно, ова е погрешно, едноставно заради релацииите коишто се создадоа меѓу САД и ЕУ, требаше многу внимателно да се одмерат сите консеквенци, без разлика каква одлука ќе донесевме. Да ја потпишеме, или не спогодбата. Имајќи ги предвид сите анализи коишто ги направивме, сепак се решивме да ја потпишеме спогодбата и во меѓувреме не се случи ништо што би го променило тоа наше мислење и тоа значи дека и понатаму остануваме на оној чин што го направивме.

Останува ли владата на ставот дека февруари е краниот рок кога ќе поднесеме апликација за членство во ЕУ?

Тоа се роковите што си ги дадовме самите на себе. Да, остануваат. Значи, идејата е најдоцна до февруари, значи можеби порано, не верувам подоцна да се поднесе апликацијата за членство во ЕУ. Значи, генералната одлука е донесена, сега само треба да се одмери вистинскиот момент, кога ќе се совпаднат повеќе работи коишто можеме да ги ставиме како придружен аргумент на самата апликација. Од сите оние бројни средби коишто во последно веме ги имавме, со повеќе претставници на Комисијата на ЕУ, но исто така и со претставници на одделни члени на ЕУ можам да кажам дека никој од нив, нема заземено став или нема дадено препорака да не го правиме тоа, а од друга страна бројни се оние коишто сметаат дека навистина врз основа на она што го имаме до сега направено, она што претставува на некој начин минат труд на Македонија, ги исполнуваме условите да ја поднесеме апликацијата и со тоа да се отврои една процедура, којашто согласно внатрешните правила на ЕУ трае одредено време.

Има ли Македонија реални шанси за членство во НАТО, за време на истанбулскиот самит, господине Црвенковски?

Дневниот ред на самитот на НАТО алијансата во Истанбул е дефиниран од поодамна и сосема е јасно дека таму нема простор за некакви чуда или некакви големи изненадувања. Така што, треба да биде сосема јасно дека во Истанбул не може да падне некоја одлука со којашто Македонија ќе биде поканета или ќе биде озваничена како земја кандидат за членство во НАТО алијансата. Меѓутоа, она што е многу битно е во заклучоците на самитот да биде испратена, да биде дефинирана една јасна политичка порака, дека вратата за проширување на НАТО алијансата останува отворена и дека Македонија е еден од најсериозните кандидати, аспиранти за проширување на алијансата. Тоа е нашата цел и јас мислам дека таа цел можеме да ја оствариме. Најоптимистичките проценки, меѓутоа тоа не значи дека се невозможни говорат дека ние можеме да ја добиеме кандидатурата и со тоа да бидеме сигурни дека ќе станеме членка на НАТО алијансата во 2006 година.

Децентрализацијата на власта е еден од најкомплексните законски проекти што треба да бидат усвоени. Опозицијата веќе реагира дека е подобро да останат сегашните законски решенија, отколку да се донесат нови закони, бидејќи со тоа се губеле општини со македонско население?

Опозицијата, пред се ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во една контрадикторна ситуација. Од една страна, постојано изјавуваат дека го поддржуваат Рамковниот договор и неговото спроведување, меѓутоа од друга страна со ставовите што ги заземаат по одделни прашања, де факто, директно го обструираат рамковниот договор. Имено, во Рамковниот договор стои дека претставува обврска нов закон за територијална поделба, и тоа поврзано со процесот на децентрализација, односно пренесување на ингеренциите од централната на локалната власт. Што значи, кога некој ќе се залага за недонесување на нов закон, за останување на постојната територијална поделба, всушност, се залага за опструкција на Рамковниот договор. Втората теза, којашто апсолутно не можам да ја прифатам е дека ако има општини во коишто има мнозинско население од албанска етничка заедница е изгубена општина. По таа некоја логија, при постојната територјална поделба, би требало да констатираме дека 20 или, не знам повеќе, 25 општини во Македонија се изгубена територија за Република Македонија што апсолутно исто така е неодржлива теза. Ние со новата територијална поделба како и да ја направиме не можеме да ја менуваме етничката структура на населението коешто таму живее. Значи, наместо да ја политизираме целата ситуација, мислам дека е многу побитно да видиме како да ја направиме територијалната поделба каде поврзувањето со децентрализацијата со изворите на приходи на општините, да овозоможи да имаме општини што ќе функционираат. Ние сеуште немаме дефинитивен предлог на закон за територијална поделба, и оттука сите овие изјави коишто доаѓаат во јавноста, се всушност со цел да се подигне политичката температура и да се комплицираат некои решенија, бидејќи, де факто, сеуште нема дефиниран предлог за којшто може да се дискутира.

Најавивте дека 2004-тата година ќе биде посветена на економијата. Како ќе се подобри сегашната тешка економска состојба во којашто се наоѓа земјава?

Па, јас се сомневам дека во една или две минути ќе можам да го образложам она што во собранието бараше повеќе од 20 минути, меѓутоа, точно е, уште еднаш ќе повторам дека без политичка и безбедносна стабилност не можеме да разговараме, ниту за поголеми резултати на економски план. Сега кога веќе го достигнавме едно завидно ниво на планот на стабилизацијата, навистина можеме да се посветиме, и ќе се посветиме на економската проблематика како највисок приоритет. Ние најавивме, јас не би го нарекол тоа, економски бум, меѓутоа, навистина многу значаен исчекор на тој план. Вкупните инвестиции, значи домашни и странски во Република Македонија за 2004 година имаме намера да бидат поголеми за 200 милиони долари во однос на 2003 година и се разбира сето тоа ќе си најде свој одраз и во растот на БДП, во секторот на отворање на нови работни места итн. Како тоа ќе го направиме? Пред се, со подобрување на вкупниот амбиент за инвестирање, со зголемување на атрактивноста на Македонија кон странскиот капитал, кон странските инвеститори и во Собранието споменав неколку конкретни проекти, на коишто подолго време работиме и коишто се веќе во една фаза каде што можеме со една голема сигурност да кажеме кога стартува нивната реализација и јас сум убеден дека тоа што го најавивме ќе го направиме.

Дали господинот Црвенковски е подготвен да прифати предвремни парламентарни избори доколку не се реализираат овие планови?

Па, јас апсолутно не сакам да разговарам за хипотетички ситуации, бидејќи она што го најавивме, бидете убедени дека ќе го направиме.
XS
SM
MD
LG