Достапни линкови

logo-print

Македонија треба да стори многу на планот на реформите во одбраната


Шесте месеци пред самитот на алијансата во Истанбул се клучниот период, во кој ќе мора од зборови да се мине на дело, ако се сака реализирање на амбицијата во мај догодина, да се добие конкретен политички сигнал, за членство во НАТО во следниот круг на проширување, најверојатно во 2006-тата.

„Овде сум да кажам дека навистина има уште многу работа да се направи,“

порача за време на последната посета на земјава командантот на јужното крило на алијансата генерал Џонсон. Списокот на задачите не е мал, намалување на персоналот, долгорочен план за финансирање на армијата и за набавка на модерна опрема и оружје, ослободување од застареното, обука на офицерскиот и подофицерскиот кадар според стандардите на алијансата, намалување на постоечкиот генералштаб. Последново, иако делува драматично, е всушност, сосема нормално и потребно, вели професор Блијана Ванковска од Институтот за одбрана и мировни студии:

„За една мала армија не се потребни толку генерали. Или ако се земе предвид нивната старосна и нивната образовна структура, мислам дека суштински промените се дури и логични.“

Она што повеќе загрижува е економската и социјална цена на другите реформи.

„Една земја која е истоштена економски мислам дека ќе се истошти уште повеќе ако сака да постигне нешто што е нереално за неа. Прашувам, од каде ќе најдеме потребни средства за некоја модернизација. Макар и да направите единица специјалци на која ќе и треба транспортни средства, сето тоа е пари.“

Македонија пропушти време и средства да изнајде покреативен начин за приближување кон НАТО, вели Ванковска:
„Сега во овој цајтнот од шест месеци, не знам колку ќе имаме време да бидеме креативни да покажеме резултати корисно за НАТО, а не многу скапо за нас.“

Но, времето што останува не смее да се загуби, оценува министерот Бучковски:

„Немаме уште многу време за да покажеме дека Република Македонија само декларативно се подготвува за влез во НАТО, мора да покажеме дека сме подготени.“
XS
SM
MD
LG