Достапни линкови

Можеше да биде направено повеќе во создавањето бизнис клима во Македонија


Веројатно можеше многу поевеќе да биде направено во создавањето на вистинска бизнис клима во Македонија и привлекувањето странски инвестиции во последните 12 месеци, вели во оценката за економската состојба во земјава, американскиот амбасадот Лоренс Батлер и додава:

„Јас би рекол дека македонската економија, многу подобро функционира отколку што луѓето тоа го мислат.“

Во пропуштените работи, Батлер го посочува доцнењето со донесувањето закон за стопанска комора:

„Тој можеше да стигне во Собранието и порано, со што ќе се овозможеше ревитализација на мошне важниот аспект на македонската економија, индустријата.“

Но, сепак, посочува американскиот амбасадор, доста работи се сторени во последниве 12 месеци. Создадена е мошне стабилна макроекономска клима, која стопанствениците ги ослободува од грижи за курсот на денарот или инфлацијата. Клучно прашање за Македонија, кога станува збор за економската состојба е, до каде е таа во борбата против корупцијата. Фактот што земјава е рангирана на 103-тото место по степенот на корупција, е навистина проблем, посочува Батлер и додава:

„Тоа е ужасно, бидејќи странските инвеститори го читаат извештајот на Транспаренси Интернешл за корупцијата.“

Потенцирајќи ја подготвеноста на американската администрација за помош во справувањето со проблемот што за своја претпоставка го има јакнењето на судството Батлер вели:

„Постои прогрес, но тој е бавен.“

Сепак, она на што треба да биде фокусирано македонското општество од аспект на економијата не е прашањето за пропуштените можности, туку за она што треба да биде направено:

„Вистинскиот предизвик за министрите за економија, за финансии и за транспорт и врски е прашањето можат ли тие да ја вратат довербата кај македонската јавност и кај странските инвеститори дека Македонија е сигурно и добро место за водење бизнис, и за ова нема алтернативи. Тие се избрани тоа да го сторат,“

им порача американскиот амбасадор на новоизбраните министри во македонската влада.
XS
SM
MD
LG