Достапни линкови

logo-print

Трифун Костовски, пратеник и угледен македонски бизнисмен. Во Македонија недостига бизнис клима


Господине Костовски, на изборите настапивте како независен кандидат на коалицијата „За Македонија заедно“, по една година сеуште сте во парламентот. Дали тоа беше ваш избор?

Јас избрав и јас инсистирав да влезам во парламентот, со цел да се научам како функционира истиот. И веќе по извесно време во него, не дека се научив како функционира, меѓутоа сепак имам чувство дека парламентот не ја извршува својата функција.

На изборите беа дадени големи ветувања, за вработување, за намалување на сиромаштијата, па дури и деновиве владата најави дека економски ќе ја стабилизира државата наредната 2004-та, 200 милиони долари инвестиции, подобри бизнис услови и амбиент. Има ли биснис клима во Македонија?

Бизнис климата, сепак како да недостасува во Македонија. Ако, за изминатите неколку месеци евидентирани се само неколку милиони евра како директни инвестиции, тоа директно укажува дека системот не функционира, барем економскиот, којшто треба да ги привлече странските инвестиции. Успехот изостана, барем од она што го предвидувавме и тоа што го ветувавме. Ако беше на почетокот на формирањето на владата кажано дека оваа година ја прогласуваме како таква, година во којашто треба да се стабилизира државата, да се реши прашањето со терористите и криминалот, тогаш би го прифатил како такви, а мислам дека по една година сега воа го сторивме, а сега ова ќе биде и тогаш ги очекуваме директните инвестиции, за тоа треба да се сторат услови. Условите сеуште во моментот не можам да ги согледам. Меѓутоа, јас лично ви кажав дека 200 милиони долари не е никаква директна инвестиција, не е сума којашто би требало да ја стабилизира Македонија. Објективно, по сите проценки, 200 милиони долари директни инвестиции, значи вработување на 10,000 вработени, што во споредба со цифрата, цирка 380, што се во заводот, тоа само да се спомне дека тоа не е решение. И Македонија, и Балканот мора да биде многу поагресивна, не да говориме веќе со стотици милиони, туку со милијарди долари, ќе мораме да го привлечеме капиталот.

Има ли Владата капацитет за реформи? Знае ли да креира клима за да привлече странски инвестиции?

Владата од самиот почеток се најде во ситуација да „гаси пожари“. Живеам на запад, знам што значи дека средствата не се во прашање, сигурноста е проблем, којшто кај нас не умееме да му дадеме едно вистинско место на тој гостин што се вика капитал. Во минатата година, откако дојде новата власт, цело време се говори за развој на мали и средни претпријатија. Јас лично сметам дека тоа е добар потег, меѓутоа, основниот потег треба да биде капитални инвестиции, коишто сами по себе ќе креираат мали и средни претпријатија. За жал, недостасуваат такви инвестиции, недостасуваа квалитети коишто ќе им ги понудиме на светот и на Европа, за да влезат како инвеститори и да бидеме евентуално учесници во реализацијата на такви проекти. Од тие причини велам, дека доколку Западот реши да помогне и на целиот овој дел од Југоисточна Европа направи еден мини маршалов план, во којшто треба да се развие инфраструктурата, треба да се развие стопанството, тогаш Македонија сама ќе си го најде местото и ќе биде принудена да си го сузбие криминалот. Таму каде што има војна, нема економија.

Во средината на декември доаѓа полициската мисија „Проксима“, како замена на „Конкордија“, наспроти обвинувањата на опозицијата дека во кризните региони не може да се оди без полициска придружба. Ја делите ли оценката на власта дека Македонија е безбедносно стабилизирана и дека е многу подобрена безбедносната состојба?

Бидејќи сум член и на Меѓународната кризна група, морам да кажам дека во Вашингтон веќе аргументирано се разговараше дали да си оди „Конкордија“ или не. Нивниот предлог беше еднозначно да остане, бидејќи ситуацијата е многу кревка. По мое мислење можеше тоа да се направи за четири до шест месеци.

Се залагавте за посебно министерство за евро интеграции. Деновиве државниот врв не убедува дека ќе аплицираме за членство во ЕУ до крајот на годинава или најдоцна до февруари 2004-та?

Зошто јас инсистирав да се формира едно министерство од времен карактер во владата. Пред се, тоа ќе беше сигнал дека ние внатре во државата сме се договориле, дека ние сакаме да бидеме дел од тие структури. Звучи малку парадокслално, бидејќи Европа, само кај нас го применува тој принцип, стандард, па статус. Ама, тоа се правилата на игра, ние мораме да ги почитуваме. Мислам дека ако се формираше министерство, немаше да дојдеме во ситуација кога политичари во Брисел ни ја затвораат вратата во поглед на апликацијата на Македонија за ЕУ. Апликацијата на е дневна политика. Апликацијата е една стратегија, за којашто сеуште имам впечаток дека не е направена и дека ние тапкаме во еден затворен круг, дека сакаме нешто да направиме, не дека не умееме, но имам впечаток како да не сакаме.

Дали ова е моментот Македонија да аплицира?

Не, апсолутно не. Прво, во март месец кога отиде Хрватска да аплицира, апликацијата на Хрватска беше подготвена, еве сега се направи исто така посета во Брисел во којашто требаше да прашаме дали да аплицираме. Одговорот беше, дека сега за сега не. Меѓутоа, тоа е ваше право и вие поднесете апликација. А, неполн месец наназад ни гостуваше претседателот на евро-парламентот Кокс, којшто кажа дека за приемот на земјите од југоисточна европа се неопходни исполнување на стандардите, а потоа статусот. Значи, дадена ни е домашна работа, којашто треба најпрвин да ја направиме, па потоа да аплицираме.

Останавте пратеник, но најчесто ве гледаме во невладиниот сектор, од пред неколку месеци сте и член на Меѓународната кризна група, како дојде до тоа?

Пред се, моето влегување во Меѓутнародната кризна група беше на мое барање, и морам да кажам дека со своите дискусии коишто ги имав на три пленарни седници до сега, сум многу добро примен, како единствен човек од регионот, којшто членува во кризната група. Далеку од тоа, дека некој работи против нас Македонците. Идејата за невладините организации, ја сфаќам на еден поинаков, похуман начин. Можеби, тоа е причината што ја поддржав акцијата за влегување на Македонија во Европа без шенген. И деновиве учествував, заедно со професори од правниот факултет, во формирање на невладина организација за евроинтерграции од времен каратектер, која треба да даде одговор на многу прашања, за којшто владата сметам дека во моментов не може да даде одговор. Моето, условно кажано разочарување е тоа што не успеав да се наметнам, да се создаде едно министерство за евро интеграции, во коешто сите овие интелектуалци ќе најдат свое место во него. Сега се трудам преку помагање и финансирање на вакви невладини организации ќе мораме да створиме една клима којшто владата ќе мора да го прифати како факт.

На Трифун Костовски, во јавноста се гледа како на претседателски кандидат договодина. Ќе влезете ли во претседателската трка?

На секој граѓанин во Република Македонија ќе му биде често да биде претседател на Република Македонија. Меѓутоа, длабоко ве уверувам дека тоа не е мојот основен интерес. Јас доаѓам од една друга професија, стопанството. Морам да кажам дека на крајот на краиштата сум задоволен од она што го има зад себе и дека јас лично не гледам причини за мое менување во натамошниот дел. Според тоа, мислам дека е прерано да се говори и за евентуално кандидирање на претседателските избори. Не е исклучена ниту таа можност, да бидам најискрен. Меѓутоа, тоа не ми е императив. Императив ми е Македонија да најде од редот на политичарите луѓе коишто таа работа ќе може да ја работат најдобро.
XS
SM
MD
LG