Достапни линкови

Актуелизирана потребата за регулирање на правата и обврските на пратениците


Пратениците во Собранието, повторно ја актуелизираат потребата за што поскоро донесување на Закон или кодекс, со што конечно би се регулирале нивните права и обврски. Парламентарците сметаат дека потребата за донесување на Закон за пратеници посебно е наметната со сегашниот нивен професионален ангажман во Собранието:

„Да се утврди кои работи може пратеникот да ги прземе, и да знаеме, не само ние, туку и граѓаните, што пратеникот работи и кои се неговите права и оврски,“

потенцира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Жарко Караџовски.

Парламентарците нагласуваат дека во Законот посебно треба да биде решен проблемот, пред се со местото на работа, односно просторините услови во Собранието:

„Професионалноста на пратениците, е со некои недоречености и треба да се поработи на тоа. Кога ќе кажете дека некој е професионален, минимум што треба да се обезбеди нешто е услови за работи, значи просторни и други услови за работа.“

коментира Љупчо Јордановски од Социјалдемократскиот сојуз. На иста линија и пратеникот ДПА, Илијаз Халими:

„Треба да најдеме заеднички јазик во парламентот и да постапиме на најдобар начин за да функционира парламентот, а исто така и пратениците да знаат кои се нивните обврски.“

Инаку, Закон за пратеници беше донесен во претходниот парламентарен состав, чиј предлагач беше либералот Слободан Даневски. Законот два пати го доби потребното мнозиноство гласови во Собранието, но не беше потпишан од Претседателот на државата, бидејќи со него им беа понудени премногу привилегии на пратениците, а најспорни беа правото на пензија и дипломатските пасоши за секој од пратениците.
Сегашниот парламентарен состав е поскромен, но сепак пратениците потенцираат дека се свесни за револтот што привилегиите за нив, ги будат во јавноста.

„Тој закон имаше некои лоши и добри решенија, според мене и секако треба да се согледа. Инаку, јасно е дека во јавноста, привилегиите што се присутни, имајќи ја предвид тешката економска состојба, веднаш би биле непопуларни. Сега зборуваме, и тоа на комисија се зборуваше, околу условите за работа, правата, обврските итн. Можеби понатаму, меѓутоа мислам дека во овој момент таков закон тешко би поминал во јавноста.“

коментира Зоран Шапуриќ од ЛДП.
XS
SM
MD
LG