Достапни линкови

Одлуката на Буш за Ирак ќе зависи од моќта и способноста на ирачките герилски сили


Aмериканскиот претседател Џорџ Буш деновиве итно го свика неговиот воен совет за да реши за стратегијата на идната фаза на операциите во Ирак. Одлука, која според американската агенција за стратегиски предвидувања Стратфор, мора да биде донесена врз проценките за моќта и способноста на ирачките герилски сили.

Иако со доаѓањето на Рамазан, герилските напади во Ирак зачестија, нивната стратегиска важност е на ниско ниво, оценува Стратфор, објаснувајќи дека герилците ни од далеку не се во состојба со сила на оружјето да ги натераат Соединетите Држави да се повлечат од Ирак. Тие не се во состојба да освојат или да задржат некаква територија, како што тоа го можат нивните сојузници во Авганистан. Затоа, според оваа агенција од Тексас, воената ситуација во Ирак е релативно стабилна и од стриктно војнички аспект, прифатлива. Но, како што се додава, тоа не може да се каже за политичката ситуација во Соединетите Држави. Бушовата администрација е ослабена поради неможноста да ја предвиди герилската војна или пак да демонстрира стратегија за завршување на таа војна. Најтешката политичка штета што герилците ја нанесоа досега се однесува на исламскиот свет. Соединетите Држави сакаа во Ирак да ја покажат огромната сила и со тоа да предизвикаат чувство на беспомошност кај радикалните исламисти, смета Стратфор додавајаќи: Сега ирачката герила го потврди цврстото уверување на исламистите дека Соединетите Држави можат да поразат некоја конвенционална сила, но оти не можат да се справат со парамилитарни групи. Затоа, Соединетите Држави со текот на времето би можело да бидат поразени доколку исламистите се стрпливи и подготвени да ги поднесат загубите. Американците, сметаа дека со паѓањето на Багдад, ќе биде докрајчен организираниот отпор. Но, по се изгледа американските разузнавачки служби не сфатија дека поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин имал резервна стратегија која ја научил од талибанците. Тој, наведува Стратфор, сфаќајќи дека нама шанси за воена победа го подготвил теренот во сунитскиот триаголник за герилски операции. Она што може да се насети е дека герилата се состои од припадници на оружени сили, доброволци, но и странски исламисти кои се обучени за самоубиствени напади. Меѓутоа, нивниот број е непознат. Според динамиката на нападите, триесетина дневно може да се претпостави дека главната герилска сила ја сочинуваат илјада и осумстотини припадници, плус неколку стотици странски оперативци. Претседателот Буш соочен со ваквиот проблем мора да донесе воена и политичка одлука за Ирак. Според Стратфор најдобро за него би било да почека до декември и тогаш, кога герилците ќе почнат да се прегрупираат да удри врз нив со силна офанзива. Чекањето би било катастрофално: герилските напади би се засилиле, а американската политичка позиција во Ирак би се влошила, заклучува америакнската агенција за стратегиски предвидувања Стартфор.
XS
SM
MD
LG