Достапни линкови

Над 50 насто од смртните случаи во Македонија последица на срцевите заболувања


Македонија меѓу земјите од југоисточна Европа спаѓа во категоријата високоризични во однос на срцевите заболувања. Професор Борче Петровски директор на клиниката за кардиологија во Скопје вели дека според последните податоци за 2002 година 59 насто од вкупно починатите отпаѓаат на оваа категорија на болни. Морбидитетот е над 50 насто главно кај заболените од коронарна артириска болест, а причина за ова, додава доктор Петровски се ризик факторите, лошата исхрана и стилот на живеење:

„Заеднички со општата стресна ситуација во транзицијата и општото осиромашување на народот, се појавува коронарната сртериска болест, чиј најјак клинички израз е акутниот инфаркт.“

Иако во Македонија веќе се дијагностицирани ризик факторите во земјата според Петровски отсуствува национална стратегија која ќе обезбеди систем на мерки за превентива од овие заболувања:

„Големите земји драстично ја смалија коронарната артериска болест со такви програми и проекти, дури и за 20 насто се пониско од нас. Ние сеуште одиме на таа лечевна стратегија, значи ги добиваме пациентите разболени. Е сега, правиме некои обид за национална програма за кардиоваскуларни заболувања.“

Дали Македонците имаат навика да одат на редовни здравствени контроли?

„Немаме, зашто немам сини картони, не сум пријавен.“
„Да, одиме често на здравствени контроли.“
„Не одам на лекар, воопшто не правам контроли.“
„Џабе одиме, во овој хаос да се отиде на контрола, па ќе не направа ненормални.“


Податоците говорат дека во Македонија годишно за околу 2000 пациенти се трошат околу пет милиони евра, и тоа за лекување на веќе болните, средства што се за 20 пати поголеми од оние што би биле потребни за спречување на овие заболувања, значи за превенција:

„Минатата година се потрошени околу 2,5 милиона евра за 420 пациенти. Со толку пари може да се направи цела превентивна акција низ Македонија што ќе даде големи резултати.“
XS
SM
MD
LG