Достапни линкови

Кампања за парламентарните избори


Во минатата недела во Русија, точно на денот на Октомвриската револуција, политичките партии ги започнаа кампањите за претстојните парламентарни избори во земјата. Според она што беше видено, во нив главно ќе преовладуваат музиката и сеќавањата.

Beatles Here comes the Sun

Ова е песната што руската продемократска партија Јаблоко ја одбра за предизборниот митинг во близина на плоштадот Пушкин во центарот на Москва. Изборот на Битлси би требало да ја поткрене оптимистичката атмосфера со оглед на тоа што опозиционите лидери велат дека Русија се наоѓа на крстоница, исто како пред осумдесет и шест години за време Октомвриската револуција.

„Денес сме тука, бидејќи уште еднаш постои опасност од деспотски терор од страна на дел од властите.“

Изјави опозициониот активист Александар Захаров, додавајќи дека неговата партија затоа бара цивилна контрола врз тајните служби. Партискиот лидер Григор Јавлински предупредува дека демократијата промовирана од владата на претседателот Валдимир Путин е лажна.

„Чувствуваме дека слободата што ја добивме во раните деведесети години е се помала. Нашата демократија се претвора во Потемкино село.“

Смета Јавлински, чија партија која е насочена кон почитувањето на човековите права, за прв пат се зближи со Сојузот на десните сили кој е фокусиран врз зголемувањето на приватната сопственост. Но, ни ваквото коалицирање на ривалските опозициски партии не ја зголеми нивната популарност која е околу пет насто. Со таков рејтинг, како што сметаат експертите, овие две партии не ќе можат ни да го исполнат лимитот потребен за влез во Думата. Затоа, велат во овие партии, треба уште повеќе да ја зацврстат меѓусебната соработка.

„Ако останеме поделени, ние ќе бидеме смачкани. Ако не постигнеме договор, ќе бидеме уништени. Ако останеме разединети, тоа нема да биде слободна и демократска Русија.“

Наведува лидерот на Сојузот на десните сили Борис Немцов. Инаку, со исклучок на Обединета Русија, партијата кој стои зад претседателот Путин, комунистите се единствените кои со сигурност можаат да сметаат на влез во парламентот. Според последните испитувања на јавното мислење, дваесет и три проценти од избирачите ќе гласаат за нив, додека партијата која сега е во Кремљ ќе добие триесет насто. /Иако комунистичката партија на митинзите наступува со традционалните советски слогани сепак нејзиниот лидер Генадиј Зјуганов на почетниот митинг во Москва му се заблагдори на Господ за сончевото време.

„Драги другари, дури и Семоќниот покажува солидарност со великиот Октомври. Одамна немаше вакво време на овој ден во Москва.“

На овој собир специјален гостин беше и Алеида Гевара Марч, ќерка на легендарниот латиноамерикански револуционер Че Гевара која порача:

„На ваков ден човештвото почна да живее нов живот. Сите луѓе во светот им се благодарни на русите за оваа можност. Многу е важно да продолжи она што почна пред осумдесет и шест години.“

Владејачката Обединета Русија предизборната кампања ја започна со поп концерт во внатрешноста на ѕидовите на Кремљ. Претходно, министерот за внатрешни работи Борис Гризлов објасни зошто неговата партија одби да учествува на те ве дебатите.

„Немаме со кого и немаме зошто да дебатираме. Кој може да зборува против клучните определби на претседателот, намалување на сиромаштијата, економски пораст и силна армија. Ние решивме за овие наши планови да разговараме директно со оние на кои им се наменети – луѓето.“
XS
SM
MD
LG