Достапни линкови

Приватизацијата нема да заврши ниту годинава


И до крајот на годинава, Македонија нема да успее комплетно да го заврши процесот на приватизација. Тој ќе продолжи и во наредната, со оглед на фактот што сеуште неприватизирани остануваат уште 50-тина компании. Покрај неатрактивноста на државниот капитал што се продава, како главна причина за бавната реализација се наведува и различноста на податоците за акционерската сопственост, или за едно претпријатие во агенцијата за приватизација е регистрирана една структура на сопственост, а во централниот депозитар сосема поинаква.

„Онаму каде што сопственоста е чиста, таму сигурно ќе биде продаден капиталот. Се работи за оние претпријатија кадешто сопственоста во меѓувреме не е расчистена, не е водена доволна евиденција во централниот депозитар на акции,“

вели Гоце Пачемски портпарол на министерството за економија.

Првиот човек на централниот депозитар Стеван Шапчевски со став, не е до депозитарот, туку до менаџерите кои во нашата институција доставуваат неточни податоци.

„Централниот депозитар нема свои податоци. Компаниите ги даваат податоците. Така што сето она што се води во централниот депозитар е податок на компаниите и агенцијата мора тоа да го расчистува директно со компаниите,“

вели Шапчевски.

За волја на вистината, решавањето на спорните структури на сопственост на компаниите меѓу агенцијата за приватизација и централниот депозитар во последно време добиваат на динамика:

„Станува збор за разлика од минатата година до сега, зашто ако стануваше збор лани за 170 компании, сега зборуваме за околу десет компании,“

вели Шапчевски.

Од јули годинава кога се започна со поинтензивна трансформација на преостанатата државна сопственост на компаниите приватизиран е капитал во износ од 19,5 милиони евра.

„Истргувани се 53 акционерски друштва, за коишто се плаќаше во готово и 44 акционерски друштва за коишто се плати на друг начин, значи вкупно се 97 акционерски друштва,“

вели Милчо Ќупев, директор во македонската берза.

Според законските прописи агенцијата за приватизација ќе згасне до март наредната година, а останатиот неприватизиран капитал ќе се префрли во сопственост на фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
XS
SM
MD
LG