Достапни линкови

Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелната влада нема капацитет за справување со проблемите и треба да поднесе оставка


Господине Груевски го слушнавме отчетот на премиерот Црвенковски за работата во првата година од неговата влада. Ги слушнавме и вашите оценки. Дали сте вие оптимист за иднината на Македонија?

Јас сум скептик во однос на перспективата на Република Македонија. Постојано слушаме ветувања, постојано слушаме оптимизам, постојано слушаме надежи, меѓутоа резултаите погледнати преку бројки и анализите покажуваат негативни тенденции за време на владеењето на господинот Бранко Црвенковски. Јас тоа во мојот говор во парламентот внимателно го образложив и објаснив со аргументи. Тргнувајќи од невработеноста, таа за време на неговиот мандат од 92 до 98 постојано растеше, освен во последната година. Годинава, околу 10000 луѓе се останати без работа. Имаше у други ветувања од економската сфера, дека ќе има многу странски инвестиции, сведоци сме на година со најмалку странски инвестиции во Македонија. Сите тие работи укажуваат дека премиерот едно зборува, а друго прави. Создаде една ненормална атмосфера, се создаде атмосфера на економско назадување, на демократско назадување и од тој аспект јас во овој момент не можам да бидам оптимист. Не би сакал да бидам песимист. Навистина, често го говорам тоа, најдобро е никогаш да не дојде ВМРО на власт, ама СДСМ да направи еден економски просперитет, што ќе биде пример во светот, и граѓаните ќе бидат среќни и задоволни и побогати и државата ќе чекори напред. Во тој случај навистина ирелевентно е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на наредните избори.

Токму поради овие причини побаравте оставка на премиерот и најавивте протести за рушење на актуелната влада. Планирате ли тоа да го сторите?

Не е исклучено дека следната пролет може да има демонстрации, да има излегување на улица коешто нема да зависи само од ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно, луѓето им доаѓа преку глава. Тие ги губат работните места, им опаѓа животниот стандард, не им се исполнуваат ветувањата и тие се чувствуваат погодени. Така што од тој аспект, неважно е дали ВМРО ќе го организира тоа или не. Тоа ќе им се случи, ако вака продолжат. Ако драстично не ја променат својата тактика и начин на делување, ако не продолжат да ги плашат странските инвеститори да ги бркаат. Да им се закануваат. Да се пресметуваат со недемократски средства со опозицијата. Да создаваат држава којашто повеќе наликува на Куба отколку на некоја европска држава.

Како вие ја оценувате безбедносната состојба и меѓуетничките односи во последната година?

Безбедносната состојба за жал годинава не беше онака како што властите ни ветуваа. Тие наметнуваа една ситуација дека, еве откако ќе дојде новата власт се ќе престане, се ќе се среди. Дека ВМРО-ДПМНЕ и ДПА се главниот проблем за безбедносните проблеми, меѓутоа имав еден податок за првите шест месеци годинава, во којшто се вели дека во првите шест месеци имаше повеќе терористички напади и повеќе разбојништва, отколку во првите шест месеци во 2002 година. Се создаде полош амбиент, кој е полош за државата, за сите граѓани и Македонците и Албанците, затоа што и Албанците не сакаат војна. Тие што сакаат војна, тоа се мали издвоени и радикални групации, меѓутоа ако властите не реагираат на време и не ги неутрализираат, тие во даден момент, во дадени околности може да добијат некоја поддршка и потвроно луѓето да ги втурнат во војни, убиства и лоши времиња. Затоа, е голема одговорноста на владата, на време да ги санкционира сите радикални групации, без разлика од која страна се наоѓаат, да ги елиминира и да ги контролира. Ова што сега го гледаме, не ми личи дека владата има контрола на ситуацијата. Мултиетничките односи годинава беа под влијание на судирот во 2001 година. Имам впечаток дека на оние територии од државата каде што живеат Албанци кои се по потекло од Република Македонија староседелци, дека таму сериозни меѓуетнички проблеми нема. Македонците кажуваат ние немаме проблем со Албанците, убаво си живееме, имаме добри контакти, си живееме, соработуваме, бизнис, пријателство итн. Колку што можам да разберам главните проблеми се јавуваат кај дел од луѓето коишто се доселуваат од Косово. Значи, не кај сите. И таму има добри случаи, меѓутоа сепак во последните години се доселуваат значителен број луѓе од Косово, меѓу кои има и многу радикални, со радикални фикс идеи за поделби на држава, за големи држави и медицински да се изразам, ги инфицираат и други луѓе во државата. А, особено таа инфекција лесно се залепува, кај структури коишто се економски слаби, невработени. Да не заборавиме дека кај Албанците е уште поголем степенот на сиромаштија, во просек гледано, отколку кај Македонците. Кај сиромашните најлесно можете да им пренесете чувство на негрижа на државата за нивната економска состојба, тие се невработени, сиромашни и многу лесно потпаѓаат на теми за меѓуетнички судири, меѓуетнички несогласувања. Се надевам дека како минува времето сите ние се повеќе ќе почнеме да размислуваме европски. Гледајќи се себе си во ЕУ, како многу побогата држава, со многу помалку невработени, со многу повеќе бизнис и повеќе пари, со подобро здравје на крајот на краиштата, затоа што тоа е некогаш поврзано со економската ситуација.

До крајов на месецов треба да бидат соопштени резултатите од пописот на населението. Дали ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги признае тие резултати без разлика какви би биле?

Нас не загрижија две работи и ние тука го концентриравме нашето внимание и излагање во минатиот период. Првата работа е што резултатите од пописот недозволиво многу доцнат. Во Словенија пописот беше воден во исто време, резултатите се објавени комплетно на веб страна на владата, 1ви јуни или 1ви јули, не се сеќавам. Второ, поранешната директорка рече дека резултатите ќе ги објави во октомври. Неа ја сменија заради бавност, ставија друг сиректор, којшто објави дека ќе ги ибјави во ноември. Еве го ноември дојде, ние сеуште чекаме и тоа влева сомнеж и кај едната и кај другата страна. Ние сепак би почекале да ги видиме резултатите да извршиме анализа, па да го дадеме нашиот коментар по тоа прашање.

Мислите ли дека е време Македонија да аплицира за членство во ЕУ како што најаваува актуелната влада?

Ние кога бевме во Брисел, ние два пати отидовме во Брисел во еден краток период, разговаравме за ова. Од таму сигналите се дека е рано за такво нешто. Дека владата нема направено подготовки, ги нема извршено проектите што треба да ги заврши. Ги нема завршено активностите што се очекува да бидат завршени од оваа влада за да ја направи таа апликација. Меѓутоа, од друга страна владата е цврсто детерминирана да поднесе апликација. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржи таа апликација, таа дополнително ќе го загуби кредибилитетот затоа што Брисел ќе има уште еден аргумент да ја одбие, затоа што ќе рече дека нема единство, опозицијата гласно зборува дека не е време за таква апликација. И од тој аспект, ние како национален интерес ја поддржуваме апликацијата иако сме свесни дека може да има негативен одговор, што е помалку веројатно или што е повеќе веројатно еден подолг период да нема никаков одговор.

Со доаѓањето на Груевски на чело на партијата, се работи ли во насока на зближување на поранешните кадри кои ја напушрија партијата за време на поранешниот лидер Георгиевски. Тука пред се мислам на Доста Димовска?

ВМРО по доаѓањето објави еден оглас во којшто ги повика сите членови коишто се излезени од партијата по било кој основ, некои несогласувања со минатото раководство во минатото или се дистанцирани, не се излезени, да се вратат. Меѓутоа, тоа е испратено до поединци, не значи за цели политички групации. Така што со Димовска, ние од новото раководство ниту сме имале кавги, ниту расправии, ниту сега е потребно да се смируваме. Така што секој што може да помогне во партијата е добредојден.

Се подготвува ли ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални и претседателски избори и се знае ли евентуалниот претседателски кандидат на најголемата опозициска партија?

Па, искрено кажано ние сеуште не сме почнале некои подготовки за претседателските избори, иако размислуваме околу тоа. Имаме по некоја интерна дискусија, меѓутоа тоа е далеку од сериозна детерминираност, во краток период да се дојде до некое име. Се надевам дека некаде до април, мај догодина веќе ќе знаеме точно кој е најсоодветната личност да биде претседателски кандидат на ВМРО.
XS
SM
MD
LG