Достапни линкови

Бугарија понапред од Романија, охрабрувачки тонови за Турција


Во извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Унијата се наведува дека Бугарија е во понапредна фаза од Романија, но оти нивниот евентуален прием ќе оди во пакет во 2007-ма година. Во извештајот има охрабрувачки тониви и за Турција, но се набележани повеќе области во кои таа земја сеуште не ги исполнува европските норми.

Извештајот на Европската комисија всушност е ладен туш за Бугарија, која се надеваше дека ќе биде оценувана индивидуално на паток кон членство во Унијата. Комесарот за проширување Гинтер Ферхојген изјави дека не верува оти би било корисно овие две земји да се одвојуваат и оти и покрај можноста едната порано да ги заврши преговорите, и Романија и Бугарија ќе станат членки истовремено.

„Тоа е добро етаблирана политика на Европската Унија, и наша заедничка цел е да ги примиме Романија и Бугарија заедно во 2007-ма година.“

Ферхојген изјави дека Романија треба да ги заокружи реформите на планот на приватизацијата, справување со инфлацијата, фискалната дисциплина и другите макро-економски показатели, како и усогласување на правниот систем со Европскиот. Во врска со Бугарија, Ферхоген оцени дека таа е на добар пат, реформите се одвиваат солидно, но и за неа, како и за Романија, стои препораката за заокружување на приватизацијата, подобрување на условите за живот, особено на децата и ромите и за отстранување на дискриминацијата. Во извештајот на Европската Комисија за Турција се наведува дека ќе биде утврден конкретен датум за започнување формални преговори за прием, доколку Анкара ги исполни условите на Унијата до крајот на 2004-та година. Оценката е дека Турција покажува силна определба во насока на политичките реформи, сугерирани од Унијата, но се покажува дека бавно оди имплементацијата во практиката, и оти одредени извршни органи вршат опструкција на интенциите на Парламентот. Во извештајот се нотира дека Турција некоклу пати ја потврдила определбата за решавање на проблемот со поделениот Кипар. Официјална Анкара реагира на поврзувањето на турскиот прием во Унијата со кипарското прашање, но Ферхоген објасни.

„Никој во Европа не може да замисли ситуација на започнување преговори со Турција додека проблемот со Кипар не биде решен. Кога Кипар ќе стане член на Унијата, тој ќе има право да го блокира зачленувањето на Турција и затоа е во турски интерес што поскоро да се најде решение за спорот.“

Меѓутоа, за Турција има и многу други забелешки, како на пример проблемите со слободата на печатот, почитувањето на човековите права, дискриминаторскиот однос кон малцинствата, курдското прашање и религијата. Универзитетскиот професор Сејфи Ташан оценува дека Унијата и поставува многу повисоки стандарди на Турција во споредба со другите кандидати и оти не е подготвена да определи датум за започнување на преговорите со Анкара.

„Тие сигурно ќе стават многу критицизам во нивниот извештај. Турција, од правен аспект, исполнува голем дел од Копенхагенските критериуми, а останатите може да ги исполни во наредниот преиод.“
XS
SM
MD
LG