Достапни линкови

logo-print

Професорите со различни ставови


Медицинскиот факултет во Скопје често е цитиран како факултет со голем процент на непотизам во полагањето на испитите, посочува професорот Милчо Пановски. Со цел да ја спречи таквата појава, за време на неговото назначување за шеф на катедрата по хирургија, тој воспоставил метод на полагање според принцип на писмени тестови. Таквиот метод, што според него требало да претставува брана од обидите за полагање испити без знаења не бил прифатен:

„Имав големи притисоци да го променам своето однесување. Меѓутоа, колегите најдоа начин да бидам заобиколен и направија начин да формираат комисии спрема кандидатите, и тие комисии постојано успеваа студентите коишто не беа во состојба да положат еден обичен испит, испаѓаа дека се фантастични студенти, со многу добро знаење и ги положуваа испитите пред комисијата,“

вели професорот Пановски, по завршувањето на неговиот двегодишен мандат како шеф на катедрата по хирургиј годинава, и додава:

„Најтешко ми паѓа што студентите, не застанаа на страна на објективниот начин на изведување на испитите. Дали тоа значи дека најголем дел од нив дошле тука со пријателски врски да завршат факултет, или очекуваат дека таквата диплома добиена од таков факултет ќе им вреди нешто и во иднина.“

Овие наводи на професорот Пановски, според деканот професор Јордан Савевски не претставуваат потврда дека испитите се полагаат по пат на влијанија. Тој вели дека тестот за кој зборува овој професор претставува само прва инстанца во проверката на знаењата и оти тој според законот за високо образование не може да биде елиминаторен за студентите:

„Од 60-70 студенти, проодноста е пет, и веднаш прашалник, дали е добар тестот. Затоа што доаѓаат студенти кои велат дека овој тест не може да го положат ниту асистентите.“

Деканот Савевски вели дека според законот за високо образование, право на секој студент кој добил било каква оценка е да му биде обезбедено, неговото знаење да биде преиспитано. Во тој контекст, додава оти како декан тој им го овозможува тоа право на студентите:

„Што се однесува до тие незнаења кои треба да поминат и да се стекнат со дипломи за доктор затоа што е дете на овој или оној, јас лично како декан немам притисок од никој и да ме притискаат, јас сум немоќен спрема комисијата и спрема поединецот.“

Студентите на медицинскиот факултет пак, за оваа тема што го отвора прашањето за непотизмот во промовирањата на знаењата, не сакаат да зборуваат јавно.
XS
SM
MD
LG