Достапни линкови

Остри напади од опозицијата


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски остро го нападна извештајот на премиерот Бранко Црвенковски за едногодишните резултати на неговата влада. Анализирајќи ги предизборните ветувања на СДСМ, Груевски во поголемиот дел од неговиот говор се задржа на економските неуспеси на оваа влада:

„Невработеноста во Република Македонија, по официјални статистики, прифатливи за меѓународната заедница, е зголемена за цели пет насто, од 31,9, на рекорни, до сега во историјата на Македонија 37 насто.“

Безбедноста е подобрена, охридскиот договор се остварува, на ред е економијата, најави премиерот Бранко Црвенковски пред пратениците. Фокусот на вниманието е ставен врз инвестициите. Во таа насока е конкретната обврска што премиерот ја презема пред народните избраници.

„Нивото на вкупните инвестиции домашни и странски, во 2004-тата, да биде поголемо за 200 милиони долари поголемо во однос на нивото на инвестиции остварени во 2003-тата година.“

Како придобивки за работењето на владата, Црвенковски ги посочи дебатата околу можноста за апликација за членство во ЕУ, завршувањето на меѓународното воено присуство на 15-ти декември со заминувањето на „Конкордија“, акцијата за собирање на нелегалното оружје и враќањето на довербата меѓу граѓаните.

„Денес ви тврдам дека сум поголем оптимист отколку било кога во последните пет години. Знаеме каде сме, знаеме каде сакаме да стигнеме и знаеме како тоа можеме да го направиме.“

рече Црвенковски.

На ова опозицијата со реакција:

„Тонот, многу ми личи на оној настап кога го фаќаше октоподот. Сам се храбри сега сиромав, и мисли дека ќе му поверуваат,“

изјави Стојан Андов од ЛП, а пратеникот Замир Дика од ДПА рече:

„Навистина јас се чувствував како да сум во парламентот на Финска, се е ок, се е добро, а јас мислев дека ќе зборуваме за Република Македонија и за сите маки што ги имаат граѓаните.“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, Никола Груевски рече:

„Република Македонија е во кома. Кога некој пациент е во кома има две решенија, едното е шок терапија, и другото е вештачко одржување во живот. Премиерот ќе го бира второто, ние сме за првото, а тоа значи оставка на владата.“

Претходно собранието ги разреши досегашните министри, за финансии Петар Гошев, за економија Илија Филиповски, за правда Исмаил Дардишта и за транспорт и врски Милаим Ајдини. На нивно место доаѓаат досегашниот претседател на парламентот Никола Поповски, градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски, уставниот судија Иџет Мемети и потпретседателот на собранието Агрон Буџаку. Инаку, ова е прва реконструкција на владата на Црвенковски по една година владеење.
XS
SM
MD
LG