Достапни линкови

Инвестиции за Македонија


Покрај донациите што во изминатите две години го стимулираа развојот на Битола и околните населени места, во иднина може да се очекува и влез на американски инвестиции, сметаат од американската амбасада во Скопје. Македонија станува помирно место за живеење и токму затоа, нашите активности кои порано беа фокусирани на безбедносната состојба, сега ги насочуваме кон економскиот резвој на земјава. Ова за Радио Слободна Европа го изјави амбасадорот на САД во Македонија, господинот Лоренс Батлер:

„Јас познавам американски компании кои сега гледаат да инвестираат овде. Меѓутоа, за истите да се привлечат, потребно е да се заштити правото на сопственост, но исто така мораат да се сосечат нелегалните бизниси кои егзистираат и во Битола,“

истакна Батлер.

Во текот на последниве две години американската влада во битолскиот регион финансиски помогна да се реализираат бројни инфраструктурни проекти. Во таа насока во битолското Подино беше асфалтиран селскиот пат, во селото Зовик беше пуштен во употреба селски водовод, со што целиот регион во Мариово се обезбеди со здрава вода за пиење.

Под покровителство на американската влада преку проектни линии исто така повеќето училишта добија наставни материјали. За одбележување е и паричната помош доделена на сопствениците на запалените дуќани за нивна реконструкција. Напоредно со тоа, се одвиваа и неколку проекти за развивање на соживотот меѓу различните етникуми во градот. Во последно време, посебен акцент се става на американско - македонската соработка на културен план. Инвестициите и иновативноста се прошируваат и на полето на образованието, меѓутоа овој пат во Охрид, каде се очекува за кусо време да профункционира приватен американски универзитет. Тоа е иницијатива на центарот за интелектуален развој на универзитетот во Западна Флорида.
XS
SM
MD
LG